ПРЕМИЕРА: Alfa Romeo ги претстави освежените Giulia и Stelvio Quadrifoglio – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Alfa Romeo ги претстави освежените Giulia и Stelvio Quadrifoglio

Покрај визуелните и технолошки унапредувања, освежените Giulia и Stelvio Quadrifoglio добиваат и повеќе моќност благодарение на надградениот 2.9-литарски твин-турбо V6!

Alfa Romeo неодамна ги освежи Giulia и Stelvio, а денес дебитираат врвните Quadrifoglio изведби на двата италијански автомобили. Како дел од 100-годишнината на Quadrifoglio, фејслифтираните Giulia и Stelvio Quadrifoglio дебитираат во специјалната Quadrifoglio 100° Anniversario изведба – кој ветува само 100 примероци од секој модел.

Надградениот 2.9-литарски твин-турбо V6 сега испорачува 520 коњски сили во 100° Anniversario моделите – само 10 коњски сили повеќе од „обичниот“ Quadrifoglio. Не е многу, признаваме – но сепак е засебен начин да се оддаде почит на овие специјални автомобили. Секако, Giulia Quadrifoglio ја испорачува силата кон задните тркала, додека Stelvio Quadrifoglio кон сите четири преку Q4 преносот. Немаме информации околу перформансите, но очекуваме тие да бидат објавени наскоро.

Двата автомобили ги добиваат новите LED предни светла кои дебитираа кај освежените Giulia и Stelvio. Новите LED светла се со Matrix LED технологија која овозможува беспрекорно осветлување, а кај Quadrifoglio моделите се со посебна нијанса. Giulia добива 19-инчни тркала, додека Stelvio огромни 21-инчни тркала, позади кои пак се кријат шепи за сопирачките во златна боја а забележуваме карбон на предната маска и поклопците на страничните ретровизори.

Забележуваме и издувен систем од Akrapovic. Купувачите ќе можат да изберат меѓу Rosso Etna црвена боја, Verde Montreal зелена боја или пак Nero Vulcano црна боја.

Секако – и кабината ги добива технолошките освежувања кои дебитираа кај регуларните Giulia и Stelvio, но со специјални Quadrifoglio доработки. Возачот добива нов 12.3-инчен дигитален инструмент панел кој покрај Evolve, Relax и Heritage режимите има и нов Race режим кој е ексклузивен за Quadrifoglio моделите.

Централно-поставениот дигитален инфозабавен уред е со дијагонала од 8.8 инчи. Кабината добива и специјални детали – како на пример специјални шевови, спортски седишта обвиени во алкантара, нов спортски управувач и многу, многу карбонски детали.

Инаку, Quadrifoglio значката дебитираше на 15-ти Април 1923-тата година кога тркачката „Corsa“ изведба на Alfa Romeo RL возилото на Ugo Sivocci победи на Tara Florio. Прекрасен јубилеј, нели?



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.