Со новите модели лансирани изминатите неколку години, францускиот бренд се ослободува од стегите на традиционалните сегменти и креира свои, нови категории – и токму таков автомобил е и новиот Citroën C4 X.
Да, Citroën ги „напушта“ конвенционалните дефиниции за автомобилските сегменти и креира свои, нови категории. Не ни верувате? Погледнете го само новиот знаменосец на Citroën – големиот C5 X. Големиот и комфорен Citroën истовремено е и кросовер, и караван, и купе-седан, и комфорен крстосувач и ефикасен супер-модерен технолошки tour de force.
Сличен е пристапот и со C4 X. Зошто да биде само еден автомобил, кога може да биде повеќе? Пристапот е храбар, признаваме (и секогаш ќе наиде на свои критичари) – но финалниот резултат е навистина уверлив во она кое го нуди.
Ајде прво за дизајнот. Гледан директно однапред, C4 X е идентичен со C4 на кој е базиран. Несекојдневниот кросовер-хечбек на Citroën пристигна на пазарот пред нешто повеќе од две години (нашиот тест можете да го погледнете тука) и веднаш се наметна како комфорна и пријатна алтернатива на постоечките модели кои се обидуваа, но не успеаја да му бидат конкуренти.
Вистинските разлики се по средниот столб – C4 X има несекојдневна купе-седан-кросовер форма.
Вистинските разлики меѓу C4 и C4 X стануваат очигледни по средниот столб – C4 X е подолг, профилот е сосем поинаков, а задниот дел е целосно редизајниран. Гледан одстрана, C4 X има продолжена, дури би рекле купеовска интерпретација на конвенционалниот седан – и сето тоа е поставено на повисока, кросоверска подлога.
Купеовската форма е постигната преку остро-закосеното задно стакло, а кросоверски-поставената суспензија придонесува кон комфорот кој Citroën толку уверливо го нуди.
Како што веќе напоменавме, задниот дел е целосно-редизајниран, со нови LED светлосни групи и седански поклопец на багажниот простор – но со дискретен и привлечен интегриран заден спојлер, дифузер во долниот дел од браникот и привлечни завршетоци на издувниот систем.
Сè на сè – C4 X изгледа привлечно и несекојдневно. Дали дизајнот ќе наиде на свои критичари? Секако, но дизајнот не би бил храбар и не би бил интересен ако не го постигне токму тоа.
Кабина каде комфорот е примарен; триумфален багажен простор
Ја отвораме возачката врата и нè пречекува кабина која веќе добро ја познаваме – да, ентериерот на C4 X е ист како кај C4 – и тоа е добра работа. Повторно, дизајнерите и инженерите на Citroën се концентрирале на комфорот и добросостојбата – нешто што го препознаваме и го цениме. Исто како кај C4, и кај C4 X е посветено многу внимание на квалитетот на материјалите и завршната изработка.
Пред возачот е поставен дигиталниот екран со дијагонала од 5.5 инчи, додека на централната конзола е псотавен нов мултимедијален уред со дијагонала од 10 инчи и најновиот Citroën Connect систем кој нуди безжично Android Auto и Apple CarPlay поврзување. Под него се физичките контроли за клима уредот, а на централниот гребен меѓу возачот и совозачот се селекторот за режим на возење како и контролерот за менувачот.
Кабината е просторна, светла и комфорна – тука своја заслуга секако имаат одличните Citroën Advanced Comfort седишта (кои повторно, и заслужено ќе ги опишеме како комфорни фотелји од вашата дневна соба). Сите команди се онаму каде очекувате да бидат и се лесни и јасни за користење – и секако ја поздравуваме одлуката контролите за клима-уредот да бидат физички наместо дигитални.
Слично е и на задната клупа – исто како кај C4, добиваме комфорна задна клупа каде во идеален комфор ќе се возат двајца патници. Ќе собере и тројца, секако – но тогаш веќе правиме компромис и не би го препорачале ваквиот пристап за возење кон подалечни дестинации. Комфорот пред сè, нели?
Но вистинскиот триумф на C4 X доаѓа кога ќе пристапите кон багажникот. Кога ќе го отворите поклопецот од багажниот простор ќе ве пречека пештера со капацитет од 510 литри, односно дури 130 литри повеќе од C4. Во идеален свет, поклопецот од багажниот простор би бил во форма на хечбековска петта врата што уште повеќе би ја подобрило практичноста – но навистина, тешко е да се најдат забелешки.
1.2-литарски PureTech со 130 коњски сили и автоматски менувач.
Немаме забелешки ниту на одличниот 1.2-литарски PureTech турбо-бензинец. Ефикасниот турбо-бензинец нуди 130 коњски сили при 5500 вртежи во минута и 230 Nm вртежен момент од само 1750 вртежи во минута. Силата ја пренесува кон предните тркала преку 8-брзински EAT8 автоматски менувач чија задача е да го направи сето тоа што е можно помазно. Резултат? 100 километри на час пристигнуваат за 9.6 секунди, додека максималната брзина е рамно 200 километри на час. За време на тестирањето измеривме потрошувачка која беше околу 7 литри на 100 изминати километри.
И тука би рекле дека време е скептиците да ги надминат своите предрасуди за малите мотори – перформансите се повеќе од адекватни со оглед на димензиите и намената на C4 X. Секако, свој придонес кон перформансите има и релативно ниската тежина од едвај 1.2 тони – тоа е веќе вистинска реткост во денешно време.
Нема друг модел во сегментот кој е толку комфорен
Вистинска реткост е и нивото на комфор кое го нуди C4 X. Едноставно – нема друг модел во сегментот (освен C4, очигледно) кој може да се пофали дека толку магично успева да ги исфилтрира нерамнините од нашите патишта.
Исто како и C4, и C4 X ги добива амортизерите со прогресивни хидраулични перничиња – и тие едноставно беспрекорно си ја вршат работата. Од една страна одлично ги апсорбираат големите вдлабнатини, од друга страна успеваат да ги испеглаат ситните нерамнини и несовршености.
Кога сме веќе тука, ќе напоменеме дека едноставно не треба да се бара спортско управување од C4 X. Да, управувањето е доволно директно и прецизно и C4 X ја менува насоката на движење со доволно ентузијазам – но повторно, автомобилот е нагоден повеќе во насока на комфор и тоа го прави одлично, тоа е неговата комфорна зона.
C4 X успева да се избори со стегите на конвенционалните сегменти, а среќата ги следи храбрите
И на крајот на денот, дали C4 X е само „C4, ама подолг“? Кусиот (и кусогледниот) одговоро би бил дека да, тоа е тоа. Но вистинскиот одговор е нијанса покомплициран. C4 X ги дели платформата, моторите, ентериерот и филозофијата со C4 – но истовремено доаѓа со храбра форма, рекорден багажен простор и повторно успева да се избори со стегите на конвенционалните сегменти.
На крајот на денот, C4 X е освежително-нова интерпретација инспирирана од старошколски сегмент – и токму затоа ни се допаѓа.
Спецификации
Модел: | Citroën C4 X 1.2. PureTech 130 EAT8 Feel Pack |
Мотор: | 1.2-литарски турбо-бензинец, 3 цилиндри |
Моќност: | 130 коњски сили / 5500 вртежи во минута |
Вртежен Момент: | 220 Nm / 1750 вртежи во минута |
Менувач: | Автоматски, 8 брзини |
Забрзување 0-100 км/ч: | 9.6 секунди |
Максимална Брзина: | 200 километри на час |
Должина: | 4600 mm |
Ширина: | 2032 mm (со странични ретровизори) |
Висина: | 1535 mm |
Тежина: | 1270 килограми |
Меѓуоскино Растојание: | 2670 mm |
Багажен Простор: | 510 литри |
Потрошувачка: | 7.4 литри на 100 километри (измерена, градска) |
Цена на основниот модел: | Citroën C4 X PureTech 100 S&S BVM6 Feel – 22.390 Евра |
Цена на тестираниот модел: | Citroën C4 X 1.2. PureTech 130 EAT8 Feel Pack – 27.690 Евра |
Повеќе Информации: | Citroën.com.mk |