Моќниот 6.2-литарски компресорски V8 на Challenger SRT Demon 170 испорачува 1025 коњски сили и 1280 Nm вртежен момент кога работи на Е85 гориво, а автомобилот поминува четвртина милја за 8.91 секунда при 243 километри на час!
Импресивните бројки не престануваат – според Dodge, моќниот Challenger SRT Demon 170 забрзува до 60 милји на час (96 километри на час) за 1.66 секунди, но со таканаречен rollout односно мало движење на автомобилот пред да започне забрзувањето. Ако мораме да мериме до 100 километри на час, забрзувањето најверојатно би траело помалку од 2 секунди.
За сето ова да може да биде возможно, големиот 6.2-литарски V8 е темелно преработен и всушност само брегастата оска е преземена од постоечкиот мотор. Според Dodge, новиот мотор „ги дели гените“ со Hellephant моторот кој американскиот бренд го продава на трети клиенти. Моторот добива и нов, 3-литарски компресор кој испорачува 30% повеќе притисок од компресорот кај Challenger SRT Hellcat Redeye. Надграден е и системот за вбризгување гориво кој може да испорача 621 литар гориво на час. Потрошувачката на 100 километри пресметајте ја самите.
Секако, надградби добиваат и сите други компоненти во автомобилот за да можат да ја издржат таа моќ, а силата се пренесува кон задните тркала преку автоматски менувач со нов TransBrake систем кој овозможува „подготовка“ на автомобилот за лансирање. Интересно, предните тркала се со дијаметар од 18 инчи и носат нормални пневматици, додека задните тркала се помали со дијаметар од 17 инчи, но затоа се широки 11 инчи и носат ET Street R пневматици кои се специјално-подготвени за драг-трки.
Најлудиот мускулест автомобил на сите времиња во САД ќе чини од 96.666 долари и ќе биде произведен во само 3300 примероци.