ПРЕМИЕРА: Mercedes-Benz го претстави новиот GLC Coupe – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Mercedes-Benz го претстави новиот GLC Coupe

Новиот GLC Coupe е поголем, поефикасен и технолошки понапреден.

Новиот GLC Coupe дели многу компоненти со својот поконвенционален брат, новиот GLC. Всушност, првата половина од двата модели е навистина слична – предните светлосни елементи, маската на ладилинкот и предниот браник се навистина слични. Разликите (очекувано) започнуваат по Б-столбот каде конвенционалната SUV форма е заменета со подинамична, купеовска линија. Од Mercedes-Benz напоменуваат дека ваквата трансформација има придобивки во однос на ефикасноста – новиот GLC Coupe има коефициент на отпорот од 0.27 Cd – подобрување во однос на конвенционалниот GLC каде овој коефициент е 0.29 Cd.

Инаку, линиите се модерни и чисти, а препознаваме и нови LED задни светла кои на GLC Coupe му даваат препознатлив светлосен потпис. Забележуваме и интегриран заден спојлер и нагласен заден браник.

Кабината ни е веќе добро позната – пред возачот е поставен голем и широк 12.3-инчен дигитален панел за инструментите, додека на централната конзола е поставен уште еден, 11.9-инчен дисплеј за мултимедијалните функционалности и другите системи во GLC Coupe. Секако, мултимедијалниот уред ја носи најновата генерација на MBUX системот на Mercedes-Benz. Единствениот компромис е направен во просторот за главите на патниците на задната клупа кој страда заради купеовската форма. Багажникот на GLC Coupe е со капацитет од 545 литри – 75 литри помал од конвенционалниот GLC.

Во однос на погонските единици – како што очекувавме, GLC Coupe ги добива истите мотори кои се достапни и кај GLC. Понудата на бензинци започнува со ознаките 200 и 300 кои користат лајт-хибриден M254 2-литарски турбо-бензинец кој испорачува 204 односно 258 коњски сили, а дополнително добиваат уште 23 коњски сили и 200 Nm од интегрираниот стартер-мотор. Тука се и новите 200d и 300d кои користат 2-литарски турбо-дизел кој испорачува 197 односно 269 коњски сили.

Скалило над нив се плаг-ин хибридните GLC 300e и GLC 400e кои го користат истиот 2-литарски турбо-бензинец, но соработуваат со електромотор кој испорачува дополнителни 136 коњски сили, за вкупно 308, односно 375 коњски сили. Интересна е одлуката на Mercedes-Benz да понуди и плаг-ин хибриден турбодизел во форма на GLC300de 4Matic кој комбинира 2-литарски турбодизел кој испорачува 200 коњски сили, а заедно со електромоторот има на располагање системски 335 коњски сили и 750 Nm вртежен момент.

Новиот GLC Coupe се очекува да пристигне во салоните на Mercedes-Benz во Јули годинава.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.