ТЕСТ: Ford Mustang Mach-E AWD Extended Range – Електрична трансформација на легендарниот мускулест автомобил. – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Ford Mustang Mach-E AWD Extended Range – Електрична трансформација на легендарниот мускулест автомобил.

Mustang се трансформира и еволуира во нешто сосем поинакво – но дали новиот електричен Mach-E всушност заслужува да се вика Mustang?

Многумина реагираа (и понатаму реагираат) на одлуката на Ford големиот електричен кроосвер да се вика Mustang. Зарем ништо не е свето, прашуваат фановите на Mustang. Зарем не можеше да се вика некако поинаку? Дали воопшто заслужува да се вика Mustang? По неколку дена поминати токму со Mustang Mach-E, мислиме дека го имаме одговорот на тоа прашање..

А за воопшто да започнеме да го одговараме прашањето, прво мораме да дадеме малку контекст на нештата. Mustang е легендарно име во автомобилската историја – Mustang е автомобил кој „без пауза“ се продава повеќе од 50 години, автомобил кој многумина го имале „закачен“ на ѕидот во детската соба, автомобил кој освојува со ставот, звукот и перформансите – и автомобил кој Ford не планира да престане да го произведува.

Но електричен Mustang? Тоа е веќе нешто сосем поинакво.

Веднаш се препознаваат гените

При првиот контакт со Mustang Mach-E веднаш се препознаваат гените. Многумина сакаат да кажат дека Mustang Mach-E е некаков SUV или кросовер, но ние навистина не би се согласиле. Ако веќе мораме да го категоризираме, би рекле дека е голем Fastback и дека неговата форма асоцира на Mustang Fastback од пред скоро 60-тина години.

Предниот дел е долг, широк и агресивен. Светлосните елементи се тенки и детални, а меѓу нив е поставена лажна „маска“ која за среќа дизајнерите на Ford не ја избегнале. Токму ваквиот дизајн го поврзува Mustang Mach-E со неговиот конвенционален брат кој сè уште работи на сок од диносауруси. Под маската се поставени активните аеро елементи кои во зависност од ситуацијата се отвораат за подобро струење на воздухот и ладење на батериите, односно се затвораат за подобрена аеродинамика.

Профилот воопшто не нè асоцира на SUV и дури би рекле дека е купеовски. Дизајнерите на Ford успешно си играле со форми и бои за да ја скријат големината на Mach-E – опаѓачката кровна линија во комбинација со црниот кров успешно ја прикрива високата каросерија (која за волја на вистината и не е толку висока), додека црните панели во долниот дел од вратите визуелно го намалуваат вертикалниот простор. Забелешки? Би сакале број-два поголеми тркала.

Поврзано:  Новиот Ford Mustang GT пристигна во Македонија!

На задниот дел вниманието оди директно кон задните светла кои ги имаат триделните вертикални елементи кои секогаш биле потпис на Mustang. Инаку, формите и линиите се чисти, а на средината на петтата врата гордо стои логото на Mustang. Всушност, загледајте подобро и скоро никаде нема да забележите знак на Ford – тука сe e во знакот на Mustang.

Комфорна кабина со примеси на Mustang

Одиме внатре – и вратите се отвораат на копче!

Притискаме копче на Б-столбот и вратата нежно се отвора, а потоа ја повлекуваме за малата „рачка“ и ја отвораме докрај.  Нè пречекува ентериер кој е веднаш привлечен. Се сместуваме во возачкото седиште и управувачот на кој гордо стои „коњчето“ е директно пред нас, а зад него е поставен малиот дисплеј со најважните информации – состојбата на батеријата, активните системи за асистенција во возењето, итн…

Плус, индикаторот за брзина прикажува Ground Speed. ;)

На средината на централната конзола е големиот, вертикално-поставен дигитален дисплеј преку кој се контролираат сите фунцкионалности, но сепак има „тркалце“ за одредени работи. Да бидеме искрени, не сме преголеми фанови на огромни екрани, но ќе признаеме дека дизајнерите на Ford „ја погодиле работата“ – да, екранот е голем, но истовремено големи се и сите команди и контроли на него, па лесно е да се најдат и допрат. Дали огромните екрани со големи, јасни контроли се иднината? Можеби.

Меѓу возачот и совозачот е централната конзола на која е кружниот контролер за „менувачот“ и… Тоа е тоа.

Во кабината има навистина многу простор – како простор за одлагање ситници и дребулии, така и простор за патниците. Да, купеовската форма малку „јаде“ од просторот во ентериерот, но да бидеме искрени – немаме ама баш никакви замерки. Како на предните седишта, така и на задната клупа има повеќе од доволно простор.

Поврзано:  Новиот Ford Mustang GT пристигна во Македонија!

Дополнително, немаме никакви замерки ниту на материјалите во кабината. Всушност, би рекле дека ова е можеби најдобриот и најквалитетниот ентериер кој Ford досега го има понудено на европскиот пазар – финалната обработка и материјалите се толку добри. Ако имаме некаква забелешка… Па, би посакале малку повеќе странична поддршка од седиштата, особено во долниот дел – но тоа е тоа.

Голема батерија, моќен електромотор, врвни перформанси

Нашиот тестен модел дојде со голема батерија со капацитет од безмалку 100 kWh и погон на сите четири тркала благодарение на два електромотори кои испорачуваат 350 коњски сили и 580 Nm вртежен момент – достапни „од нула“. Благодарение на сето ова, големиот, 2.2 тони тежок Mustang Mach-E забрзува до 100 километри на час за 5.8 секунди и достигнува максимални 180 километри на час.

Автономијата на струја (според официјалните WLTP мерења) е 540 километри, но во реалноста очекувајте околу 450 километри доколку не се однесувате хулигански. Бидете дрски со десното стапало и Mustang Mach-E ќе ја испразни батеријата за околу 350 километри. На AC полнач со моќност од 11 kW (како тие на ЕВН), Mustang Mach-Е ќе се полни околу 10 часа, додека на брз DC полнач Mustang Mach-E може да се полни со моќност од 150 kW и да се наполни од 10 до 80% за околу 45 минути.

Mustang Mach-E не се однесува како SUV – ова е електричен автомобил за оние кои уживаат во возењето!

Но вистинското изненадување доаѓа токму кога ќе бидете малку подрски и похрабри – и тука се препознаваат вистинските Mustang гени. И покрај погонот на сите четири тркала, задниот дел на Mustang Mach-Е е подготвен да заигра во безмалку секој свиок, а бидејќи реакцијата на притискање на десната педала е инстантна, сето тоа лесно се модулира и контролира.

Поврзано:  Новиот Ford Mustang GT пристигна во Македонија!

Големото тело на Mach-Е успева да не се навалува премногу во свиоци и всушност големиот електричен Mustang не се однесува како SUV. Управувањето е прецизно и брзо (но за жал без премногу фидбек од тоа што прават предните тркала) па лесно е да се позиционира Mach-E на патот и да се контролира од свиок во свиок. Ова е електричен автомобил за оние кои уживаат во возењето!

Заклучок – Mustang Mach-E го заслужува и треба гордо да го носи своето име.

Како што неколкупати сме кажале – хејтерите ќе хејтаат. Но реалноста е дека инженерите и дизајнерите на Ford одлично си ја завршиле работата. Инженерите на Ford секогаш знаеле како да направат еден автомобил (па и еден SUV) да биде динамичен и забавен зад управувачот, а дизајнерите на Ford успешно ја доловиле суштината на Mustang и успеале да ја пренесат во еден (ајде, ќе признаеме) контроверзен формат.

Но вистината е дека ако Ford го лансираше Mustang Mach-E во било која друга форма и со било кое друго име – ќе беше само Уште Еден Електричен SUV. Вака е Mustang, со сиот товар и сите привилегии кои ги носи со себе тоа име. И откако седнавме зад воланот – немаме никаков проблем со тоа.

Спецификации

Модел: Ford Mustang Mach-E AWD Extended Range 98 kWh
Погон: Два електромотори со вкупно 258 kW, батерија 98.7 kWh, пренос кон сите тркала
Моќност: 351 коњска силa
Вртежен Момент: 580 Nm
Менувач: Автоматски, директен
Забрзување 0-100 км/ч: 5.8 секунди
Максимална Брзина: 180 километри на час
Должина: 4713 mm
Ширина: 2097 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1625 mm
Тежина: 2182 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2984 mm
Багажен Простор: 402 – 1420 литри
Автономија: 540 километри според WLTP
440 километри (измерени)
Цена на тестираниот модел: Ford Mustang Mach-E AWD Extended Range 98 kWh – 89.000 Евра
Повеќе Информации: Ford.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.