Hyundai ги објави деталите околу електричната верзија на новата Konа која во Европа ќе се нуди во две погонски конфигурации.
Hyundai одлучи електричната верзија на новата Kona во Европа да ја нуди во две погонски конфигурации – Standard Range и Long Range. Би рекле дека ова е логична одлука бидејќи иако сите „се фаќаме“ за автономијата со полни батерии „како слеп за стап“ – во услови на градско возење и достапни полначи, автономијата и не е тоооолку важна.
Standard Range опцијата на Kona ќе доаѓа со батерија со капацитет од 48.4 kWh а силата ќе ја пренесува кон предните тркала благодарение на електромотор со моќност од 115 kW, односно 156 коњски сили и 255 Nm вртежен момент. За оние на кои им треба поголема автономија, тука ќе биде Long Range изведбата која добива значително поголема батерија со капацитет од 65.4 kWh, која се комбинира со електромотор кој испорачува 218 коњски сили и 255 Nm вртежен момент. Според WLTP мерењата, Long Range верзијата на Kona може да помине дури 490 километри со полни батерии.
Новата електрична Kona користи 400-волтна архитектура и може да се наполни од 10% до 80% за 41 минута на брз полнач, а исто како и Hyundai Ioniq 5, може да напојува надоврешни електрични уреди.
Истовремено, Hyundai потврди дека новата Kona ќе биде наполнета со современи технологии за автономно возење и максимална безбедност – тука се очекуваните системи за следење на коловозната лента, автономно сопирање, паркинг-асистент, систем за спречување судар, итн..