Основата на плаг-ин хибридниот погон на наследникот на Aventador и понатаму е 6.5-литарски атмосферски V12, но вкупната системска моќност сега е 1000 коњски сили!
Да, знаменосецот на Lamborghini и понатаму ќе има врескачки V12. Новиот V12 има капацитет од 6.5 литри и иако е наследник на моторот кој се вградуваше во Aventador, сепак е темелно редизајниран и има многу, многу ревизии. Моторот „врти“ до максимални 9500 вртежи во мионута и испорачува 815 коњски сили на 9250 вртежи во минута.
Веднаш зад моторот е поставен нов, напречно-поставен 8-брзински автоматски менувач со двојна спојка, во кој е вграден еден од трите електромотори. Овој мотор функционира како стартер и како генератор, а другите два мотори се дел од предната оска. Овие мотори испорачуваат по 350 Nm вртежен момент, но само кон предните тркала. Всушност, овие мотори се задолжени за задвижување на предните тркала – нема никаква физичка врска меѓу V12 моторот и предната оска.
Наследникот на Aventador го носи внатрешното кодно име LB744 и иако се работи за плаг-ин хибридно електрично возило, Lamborghini го нарекува HPEV, односно High Performance Electrified Vehicle. Батеријата е прилично мала и има капацитет од само 3.8 kWh – но нејзината цел не е да овозможи возење на струја (иако LB744 ќе може да вози на струја на супер-кратки релации) туку да овозможи врвни перформанси. А какви ќе бидат перформансите? Останува да видиме, но од Lamborghini ветуваат вкупна системска моќност од 1000 коњски сили – а тоа веќе ветува навистина многу!