Минатата година беше навистина добра за Alfa Romeo – продажбата е зголемена, емисијата на штетни гасови е намалена и купувачите се навистина среќни со нивните автомобили.
„Alfa Romeo забележува екстремно-позитивна 2022“ – кажуваат гордо од италијанскиот бренд. Со воведувањето на новиот Tonale (кој ние го возевме минатата година и кој е еден од кандидатите за Најпосакуван Автомобил во Македонија за 2023), Alfa Romeo ја зголеми бројката на продадени возила за дури 22% во 2022, и тоа на пазар кој падна за 11% во однос на 2021. Во однос на регистрирани нови возила, во некои земји резултатите се навистина импресивни – во Италија и Германија бројката е зголемена за 22%, но во Франција за 101%, во Холандија за 84, во Грција за 163% и во Португалија за неверојатни 174%.
Истовремено, од Alfa Romeo кажуваат дека Tonale е „Ѕвезда на Годината“ – првиот електрифициран SUV (и воопшто, првиот електрифициран модел на Alfa Romeo) освои 8 интернационални награди од експертски жирија ширум светот и директно придонесува кон амбициите на италијанскиот бренд да ги намали емисиите на CO2 за 40%, односно да го направи првиот чекор во рамките на Zero to Zero стратегијата. Одлични продажни резултати покажува и големиот SUV Stelvio чија продажба на некои пазари е зголемена за до 25%!
Секако, и купувачите ги препознаваат новитетите и амбициите на Alfa Romeo. Претставниците на брендот неуморно потенцираат дека глобалните стратегии на Alfa Romeo се водени од Квалитет без Компромис – и овие цели веќе се остваруваат. Alfa Romeo неодамна беше прогласена од JD Power како бренд прво место по однос на задоволство на купувачите во САД. Во однос на спортските достигнувања, Alfa Romeo заврши на 6-тото место во рамките на Конструкторскиот Шампионат во Формула 1.
Со оглед на сето ова, од Alfa Romeo кажуваат дека 2022 е награда за напорната работа на одлучен бренд чија цел е да биде уште подобар во 2023. Кажуваат и дека годината ќе биде полна со предизвици, но ќе се соочат со нив со вообичаениот храбар пристап кој е карактеристичен за брендот уште од 1910-тата година.