Според информациите кои пристигнаа од Porsche, освежувањето за Cayenne ќе биде детално – луксузниот SUV ќе добие освежен екстериер, нови технологии, ревидирана шасија и надградени погонски единици!
Верувале или не, тековниот Cayenne е на пазарот веќе пет години (и ние отидовме на глобалната промоција на Cayenne на Крит во 2017) и Porsche се подготвува детално да го освежи супер-популарниот луксузен SUV.
Ralf Bosch, кој е одговорен за тестирањето на Cayenne изјави – „Новиот Cayenne е испратен на нова, комплетна и сеопфатна програма за тестирање – исто како да е развиван од почеток.“ Тесирањето на освежениот Cayenne се одвива во пустински услови во Мароко, на теренски предизвици во Шпанија, бескрајните автопатишта во САД, предизвикувачките кривини на Nurburgring и замрзнатите патеки во Финска.
Истовремено, инженерите на Porsche најавуваат и темелно ревидирана шасија и системи кои ќе можат да направат уште поголема разлика меѓу спортското возење и теренското возење кај Cayenne. Ralf Bosch додава дека „вистински SUV мора да биде способен да се справи со предизвикувачки и тежок терен, иако купувачите најверојатно нема никогаш да го направат тоа со своите возила. Но знаат дека би можеле, а тоа е ветување кое го одржуваме.“