На покана на Opel отидовме во Малага за да се запознаеме со новите Grand Sport Electric модели на германскиот бренд – Astra GSe и Grandland GSe!
Opel воскреснува значка од минатото, но во сосем нов контекст – односно дури би рекле дека со дискретен поглед наназад, прави огромен чекор нанапред. Електрификациајта зема замав а автомобилските брендови уживаат во благодетите кои ги носат новите технологии. Па кога е веќе така, зошто една значка од минатото да не се најде повторно на еден автомобил?
Пред многу, многу години Opel ја користеше ознаката GSЕ и тогаш таа ознака значеше Grand Sport Einspritzung, односно означуваше спортски и туринг модели со мотори со директно вбризгување. Сега ознаката е иста, но контекстот е сосем поинаков – сега GSe значи Grand Sport Electric, односно електрифицирани модели со спортски амбиции.
Пристигнуваме во Малага, Шпанија и веднаш се сместуваме во нова Astra GSe и без никакви „подготовки“ почнуваме да се движиме кон централната точка од каде се случуваат сите активности. Да да, ги знаеме техничките информации, но не бевме подготвени за комбинацијата од рафинираност и перформанси кои Astra GSe ги нуди. Стартуваме во електричен режим и Astra се движи тивко, бесшумно и сууууупер-мазно. Го напуштаме огромниот аеродромски паркинг и уживаме во тишината и пејсажите од кои застанува здивот. Шпанија? Шпанија е прекрасна, дури и на самиот почеток на Февруари. Се возиме и гледаме кон планините од една страна и морето од друга страна. А преку морето? Африка!
Уморот од патувањето исчезнува во моментот кога ќе притиснеме нијанса посилно и ќе се разбуди турбо-бензинецот. Звукот станува поагресивен а карактерот на Astra се трансформира и од комфорна и тивка, Astra станува постегната, попрецизна и поексплозивна. Воведот во GSe трае до нашиот хотел, но е повеќе од доволно да нè загрее за она што нè очекува следниот ден.
Што се крие под кожата на Astra GSe?
Но што всушност се крие под кожата на Astra GSe? Време е да откриеме и токму тоа го правиме следниот ден. Во Шпанија се разденува подоцна, дури околу 8 часот наутро – но ние сме веќе подготвени за тргнување. Повторно зад управувачот на Astra GSe, но овој пат опремени со повеќе технички информации за вистински да ги откриеме границите на значката.
Astra GSe носи комбинација од 1.6-литарски турбо-бензинец кој испорачува 180 коњски сили при 6000 вртежи во минута и 250 Nm вртежен момент од 1750 вртежи во минута, со електромотор кој испорачува дополнителни 110 коњски сили и 320 Nm вртежен момент. Кон предните тркала преку автоматски менувач се испорачува системската моќност од 225 коњски сили и 360 Nm вртежен момент.
Резултат на сето тоа е забрзување од 0 до 100 километри на час за 7.5 секунди, како и максимална брзина од 235 километри на час, односно 135 километри на час само на електрична енергија. Батеријата е со капацитет од 12.4 kWh и овозможува автономија на електрична енергија од околу 70 километри според WLTP мерењата.
Тоа е можеби нијанса преентузијастички, но ние комфорно поминавме околу 50-тина километри „на струја“ без воопшто да се активира бензинецот. Истовремено, ако таа „стотка“ за околу 7 секунди е вовед, тогаш инстантната реакција на притискањето на педалата за гас е кулминација на перформансите – било кој степен на пренос, било кои вртежи, Astra GSe едноставно… Реагира!
Супер-модерни KONI FSD амортизери
GSe измените одат и понатаму – Astra добива специјални амортизери од Koni кои имаат FSD технологија. Koni FSD (Frequency Selective Damping) амортизерите и нивната FSD технологија овозможуваат различни карактеристики на амортизирањето при високи фрекфенции и контролирање на суспензијата, во однос на ниските фрекфецнии и контролирање на целата каросерија. Сето ова овозможува вистинска трансформација од комфорен крстостувач во динамичен спортски автомобил подготвен да ги лови свиоците.
Во прилог на ловењето свиоци е и спортската калибрација на управувањето која е ексклузивна за GSe моделите. И верувајте – се препознава, особено во Sport режим кога управувањето станува забележително потешко. Комбинацијата од 10 милиметри пониска суспензија, одличните амортизери и директното управување ја прават веќе компетентната Astra уште поподготвена за уживање. Од свиок во свиок, каросеријата нa Astra GSe останува контролирана и нема скоро никаква наклонетост кон подуправување или надуправување. Astra GSe останува неутрална и смирена, дури и при малку хулиганско менување на насоката на движење.
Од автопат, преку ридски превои и тесни патчиња, па сè до тивки, смирени, мрзеливи шпански улици… Astra GSe насекаде се снаоѓа одлично.
Патот нè води низ различни патишта и услови – го напуштаме градот и преку автопат одиме кон регионални патишта кои минуваат низ ридски превои со доооолги свиоци, каде во вистинско светло се прикажува KONI суспензијата на Astra GSе, па се движиме меѓу помали населени места… Но вистинското уживање го најдовме кога ја напуштивме предефинираната рута и одлучивме непланирано да ги истражуваме сите тие мали населени места. Малите, тивки и смирени гратчиња се одлична алтернатива на полните урбани улици…
А Astra GSе самоуверено (и тивко, на струја) минува низ нив – без воопшто да го попречува мирот. Истовремено, остриот, аглест дизајн на Astra е одличен контраст на локалната архитектура. Кон динамичниот став на Astra GSe придонесува пониската суспензија, но и поагресивниот преден браник со црни детали и големите тркала кои влечат инспирација од Manta-e концептот.
Црни детали има околу целиот автомобил – кровот е во црна боја, црни се и страничните ретовизори, но и ознаката Astra на петтата врата. Секако, тука е и неизбежната GSe значка на петтата врата која дискретно, но гордо кажува за што всушност станува збор.
Неизбежно, спортски детали има и во кабината и Astra GSe добива засебни спортски седишта обвиени во спортски материјал (кои нудат од-лич-на странична поддршка), опшивки во контрастна боја и GSe ознаки на неколку места. Седиштата се обвиени во алкантара која неуморно нè држи во место од свиок во свиок. Прегледноста е повеќе од задоволителна и лесно се сместуваме во прегледна но спортска возачка позиција.
Инаку – ова е и понатаму добрата Astra која веќе ја познаваме. Во кабината има повеќе од доволно простор, а багажникот е подготвен да го проголта багажот на едно просечно семејство.
Тука е и уште помоќниот Grandland GSe
Полека но сигурно се враќаме кон централната точка и ја менуваме Astra GSe со новиот Grandland GSe. Големиот германски SUV добива сличен погон како и Astra GSe, но оди чекор понатаму и комбинира 1.6-литарски турбо-бензинец кој испорачува 200 коњски сили и два електромотори кои нудат дополнителни 110 и 113 коњски сили.
Оваа комплексна конфигурација кон сите четири тркала испорачува вкупно 300 коњски сили и 520 Nm вртежен момент – кои пак на големиот Grandland GSe му овозможуваат да забрза од нула „до стотка“ за импресивни 6.1 секунда. Максималната брзина е идентична како кај Astra GSe – 235 километри на час, односно 135 километри на час на електрична енергија. Батеријата е нијанса поголема и има капацитет од 14.6 kWh и овозможува автономија на струја од 63 километри според WLTP, односно повторно – околу 50-тина километри во реална експлоатација.
Благодарение на напредниот погон на сите четири тркала и надградената суспензија (со KONI FSD амортизери, исто како кај Astra GSe), големиот Grandland GSe успешно ја прикрива својата маса од 1867 килограми и успева да се однесува прилично неутрално од свиок во свиок – дури и задниот дел успева да „заигра“ кога ќе бидете упорни во своите намери.
Од друга страна, исто како и Astra GSe – и Grandland GSe одлично ја игра улогата на рафиниран и смирувачки сопатник. Сместете се во комфорните седишта, пуштете си ја омилената музика, најдете ја вашата дестинација на навигацијата и уживајте…
Крајното изненадување? Седнуваме зад управувачот на Manta GSe Elektromod!
И како за крај, едно вистинско изненадување! Како дел од активностите, нашите домаќини од Opel ја беа донеле и Manta GSe Elektromod – а тоа е оригинална Manta, специјално конвертирана да работи на струја но прилагодена за да ги задржи мануелениот менувач, задната оска и оригиналното управување. Вистински уникат – и уникат кој имавме можност да го повозиме! Малата Manta е… навистина мала, но се сместуваме во возачкото седиште и заедно со совозачот од Opel ја дискутираме технологијата. Manta GSe Elektromod користи електромотор кој испорачува 145 коњски сили и 225 Nm вртежен момент кои преку мануленен со четири брзини ги пренесува кон задните тркала.
И се вози како било кој друг автомобил со мануелен менувач – ја притискаме педалата за спојката, ставаме „во прва“ и почнуваме да се движиме – и навистина, толку е лесно. Конверзијата е темелна и внимателна, дел од кабината (инструментите) е преземена од Mokka Electric и автомобилот се однесува како да бил вака замислен уште пред 50-тина години.
На секое притискање на педалата за гас Mokka GSe Elektromod забрзува линеарно и самоуверено, а забрзувањето е придружено од соодветен „удар“ во грбот. Рутата е кратка и возењето трае 15-тина минути – но искуството е незаборавно! Одличен начин да се заврши презентацијата на новата значка на Opel. Црешката на шлагот.
Opel повторно докажува дека електрификацијата може да биде и во насока на економичност, но и во насока на перформанси
И всушност, тука некаде ќе ја завршиме нашата дискусија за GSe. Повторно ни се потврдува ставот дека електрификацијата истовремено може да биде во насока на ефикасност и економичност, но и во насока на спортска динамичност и спортски перформанси. Светот се менува, а со него се менуваат и автомобилите – и ваквиот прогрес е Добра Работа. Opel има амбиции да стане целосно-електричен во Европа од 2028 и ако Astra GSe и Grandland GSe се некаков индикатор за тоа што можеме да очекуваме во иднина… Ќе признаеме, навистина сме возбудени!