За новата моделска година Range Rover Velar добива освежен екстериер, обновена кабина и надграден хибрид – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

За новата моделска година Range Rover Velar добива освежен екстериер, обновена кабина и надграден хибрид

Range Rover подготви освежување за Velar – достоинствениот луксузен SUV не претпе екстензивни естетски измени, но затоа технолошките се значителни!

Освежувањата започнуваат со екстериерот, но не се премногу очигледни. Velar добива редизајнирани Pixel LED предни светла, нова маска на ладилникот, редизајнирани Super LED задни светла и редизајниран дифузер во задниот браник. Визуелните освежувања вклучуваат и неколку нови бои – Metallic Varesine Blue и Premium Metallic Zadar Grey.

Вистинското освежување е во кабината, како и „под кожата“. Range Rover го замени постоечкиот дводелен инфозабавен систем со нов, помодерен и пофункционален систем каде главниот збор го има голем, 11.4-инчен закривен екран кој ги вклучува сите контроли – а тоа значи декa Velar нема (скоро) никакви физички контроли во кабината.

Според Range Rover, дури 80% од бараните функционалности можат да се добијат со само две допирања на екранот а системот може да добива безжични надградби и информации. Плус, нарачајте го Meridian 3D Surround Sound системот со 17 звучници и ќе добиете Active Noise Cancelling систем кој ја прави кабината супер-тивка!

Дополнително, значително освежување добиваат и погонските опции достапни кај Velar, особено големиот плаг-ин хибриден погон кој ја носи ознаката P400e. Плаг-ин хибридниот SUV добива поголема батерија со капацитет од 19.2 KWh па Velar P400e сега може да помине до 64 километри на електрична енергија. Истовремено, новата батерија е компатибилна со DC брзо полнење со максимална моќност од 50 kW, што пак овозможува полнење од 0 до 80% за само 30 минути, односно 2.5 часа на AC полнач со моќност од 7 kW.

Повеќето други погони се електрифицирани со лајт-хибриден погон, а сите ја пренесуваат силата кон сите четири тркала преку 8-брзински автоматски менувач. Во понудата остануваат P250 со 250 коњски сили, P340 со 340 коњски сили, P400 со 400 коњски сили како и плаг-ин хибридниот P400e кој веќе го напоменавме. За фановите на дизелот, тука се D200 и D300 со 200, односно 300 коњски сили.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.