Ако ID.3 на голема врата ја започна вистинската електрична ера на Volkswagen, тогаш големиот ID.4 е логичниот следен чекор, насочен директно кон купувачите кои сакаат SUV.
Кога пред неколку години за прв пат го возевме ID.3, кажавме дека воведува демократија во електричната мобилност. Кога еден гигант како Volkswagen се пренасочува кон електричните возила, тоа кажува повеќе од доволно за желбите на купувачите но и за насоката кон која се движи индустријата.
Поставен на истата MEB (Modularer E-Antriebs Baukasten) платформа на која е поставен и ID.3, големиот ID.4 дели многу компоненти со електричниот хечбек. Всушност, дури го дели и меѓуоскиното растојание. Но ID.4 е поголем и значително попросторен – а сето тоа со цел да ги исполни барањата на купувачите кои бараат автомобил со вакви димензии. Нуди повеќе корисен простор, комфорно возење и практичен, секојдневно-корисен досег на електрична енергија.
ID.4 е микс од класична SUV форма и современи детали – водени воглавно од аеродинамиката
Но пред да зборуваме за сето тоа, ајде да зборуваме за дизајнот. ID.4 е интересен микс од класична SUV форма и современи форми и детали водени воглавно од аеродинамиката. Широк и висок, ID.4 се наметнува со самоуверениот став и неагресивните форми.
На предниот дел ги забележуваме предните IQ.Light LED светлосни елементи кои се „обвиени“ во маска од дневни LED светла, кои пак се споени во еден дел преку хоризонтално-поставен LED елемент. Во браникот се поставени страничните отвори за воздух кои имаат аеро-ефект, додека во долниот дел од браникот има поголем отвор кој насочува воздух под ID.4, односно помага во ладењето на батериите.
Профилот е истовремено динамичен и конзервативен – да, препознаваме форми и линии карактеристични за Volkswagen, но повторно – тука нештата се водени од аеродинамиката, односно ефикасноста. Карактерната линија се провлекува од предните крила па сè до задните светлосни групи а рачките за вратите се под неа – детал кој успешно успева да ја прикрие вертикалноста на еден ваков голем SUV. Ни се допаѓа и двобојната комбинација – црвената каросерија е контрастна со црниот кров – современ и привлечен детал.
Приказната за едноставни и ненаметливи форми и линии продолжува и кон задниот дел каде елементите се редени „на спратови“ и има и детали кои навистина ни се допаѓаат – како на пример белиот Volkswagen знак и белата ID.4 значка. Привлечен додаток е и задниот спојлер кој покрај тоа што изгледа добро, повторно – тука е за да ја подобри аеродинамиката.
Визуелни детали кои не ни се допаѓаат? Па, никогаш не сме биле фанови на двобојни тркала, а не ни се допаѓа ниту хоризонталниот LED елемент меѓу предните светла кој Volkswagen форсира изминативе неколку години… Но тоа е тоа.
Практична и комфорна кабина со многу, многу простор!
Ја отвораме вратата и нè пречекува ентериер кој на прв поглед навистина многу наликува на ID.3. А и на втор – ова е пристапот кој Volkswagen одлучи да го примени кај своите електрични автомобили за да ги направи што е можно полесни за користење. Се сместуваме во возачкото седиште, го ставаме „менувачот“ во D и подготвени сме да тргнеме. Нема ништо „олд-скул“ како стартување на „моторот“ – едноставно сме подготвени да се движиме.
Пред возачот е поставен мала инструмент табла каде се прикажани најпотребните податоци – брзина, досег, статус на батеријата… И тоа е тоа. Можете да добиете и инструкции за навигацијата, но во суштина – нема потреба од повеќе. Позади управувачот е селекторот за насока на движење (напред, назад или паркинг) а на централната конзола е поставен новиот, надграден мултимедијален уред.
Новиот мултимедијален уред работи навистина подобро од постариот кој се вградуваше во првите примероци на ID.3 и ID.4. Надградениот хардвер резултира со навистина подобрена респонзивност, а врзувањето со мобилен телефон е лесно благодарение на можноста за безжично Android Auto и Apple CarPlay поврзување. Преку мултимедијалниот уред се контролираат и клима уредот и сличните функционалности, кои сепак се достапни преку засебни „кратенки“ поставени под екранот. Користењето не е најинтуитивно, барем на прв контакт – но е нешто што брзо се учи, а тука се и командите на воланот и гласовните наредби.
Материјалите се навистина одлични – скоро сите површини се покриени со квалитетни пластики или пак штоф или кожа. Дизајнерите за среќа одлучиле да не претеруваат со сјајните црни пластики во ентериерот, па кабината не е магнет за отпечатоци од прсти и ситни зрцна прашина.
Инаку, ергономијата е онаква каква би очекувале од еден Volkswagen – лесно се наоѓа комфорна и прегледна возачка позиција, стаклените површини се големи и прегледноста е генерално одлична, а командите се (помалку или) повеќе онаму каде очекуваме да бидат. Да, тука се некои од оние чудни одлуки кои Volkswagen ги донесе – како на пример истите прекинувачи да се користат за предните и задните прозорци со тоа што прво притискаме „Rear“ копче пред да ги отвориме задните и неизбежно се случува да отвориме заден прозорец кога сакаме да отвориме преден… Дали е најдоброто решение на светот? Најверојатно не, но е нешто на кое се навикнавме, сакале или не.
Просторната понуда што ја нуди ID.4 е навистина импресивна – на задната клупа има многу, многу, многу простор, како и еден куп практични детали – на пример, во централната конзола има два USB-C приклучоци за полнење на мобилни телефони или таблети. Понатаму, бидејќи подот е целосно-рамен, во на задната клупа комфорно ќе се сместат и тројца патници дури и кон подалечни дестинации.
Кога сме кај патување, да зборнеме и за багажниот простор – ID.4 има масивен багажник. Ја отвораме петтата врата и нè пречекува пештера со капацитет од 543 литри, односно дури 1575 литри со спуштени задни седишта. Под подот на багажникот има посебен дел за чување на каблите за полнење – практичен детал, но не сме сигурни колку е идеално ваквото решение кога сте „натоварени“ за подолго патување и по пат треба да застанете за да го наполните вашиот електричен автомобил.
204 коњски сили и реален досег од повеќе од 400 километри – дури и на ладно!
А кога сме кај полнењето, ID.4 има батерија со капацитет од 77 kWh. На обичен AC полнач се полни со максимална моќност од 11 kW, односно со максимална моќност од 125 kW на брз DC полнач. Доколку полните дома на домашен полнач со моќност од 11 kW, можете да ја наполните батеријата за нешто повеќе од 7 часа. На брз полнач полнењето од 5 до 80% трае 38 минути.
На јавните полначи на ЕВН (мапата на полначи на ЕВН можете да ја погледнете тука) достапни кај нас ID.4 се полни со моќност од 11 kW и за еден час полнење се „добиваат“ околу 50-60 километри досег. Би рекле сосем доволно за едночасовен шопинг во некој шопинг центар.
Едно од најчестите прашања е колкав е реалниот досег на ID.4 со оваа конфигурација? За време на неколкудневното возење измеривме реален, изводлив градски досег од нешто над 400 километри. Повеќе од респектабилно, со оглед на тоа дека го возевме ID.4 во зимски услови на релативно ниски температури.
Бидејќи сè е во насока на ефикасноста, Volkswagen вградува топлинска пумпа во своите електрични автомобили, а ќе ја пофалиме и апликацијата за мобилен телефон преку која можат да се контролираат параметрите околу полнењето и претподготовките на автомобилот – па можете да му кажете на вашиот автомобил да биде подготвен секој ден во толку-и-толку часот и автомобилот да биде загреан на толку-и-толку степени – и сето тоа додека се полни и додека користи струја од електричната мрежа.
Инаку, ID.4 знае да биде навистина интересен и зад управувачот. Нашиот тестен модел дојде со батерија со капацитет од 77 kWh, како и електромотор кој испорачува 204 коњски сили и 310 Nm вртежен момент – сосем доволно за големиот и 2.2 тони тежок SUV да забрза до 100 километри на час за 8.2 секунди и да достигне максимални (и електронски ограничени) 160 километри на час. Секако, при овие брзини батеријата се троши „како од чешма“ па затоа препорачуваме на отворен пат да се движите со брзина до 120-130 километри на час. Во градски услови ID.4 троши околу 20-тина KWh електрична енергија на 100 изминати километри. Како и кај секој друг електричен автомобил, тука е и системот за рекуперација кој дополнително ја полни батеријата кога кочите или кога се движите по надолнина, а префлањето од D во B режим (за поагресивно кочење и рекуперирање) се прави на селекторот за насоката на движење.
Од свиок во свиок, „нема бегање“ од реалноста дека ID.4 е голем и тежок автомобил, но преносот кон задните тркала успева да изнуди насмевки и ID.4 ја менува насоката со ентузијазам кој во голем дел успева да ги сокрие габаритот и тежината. Управувањето е неутрално, но не пренесува скоро никакви информации од подлогата а она инстантното, директно забрзување кое е карактеристично за секој електричен автомобил секој пат изнудува насмевка. Бидете самоуверени и настапете со јасна цел – и задниот дел на ID.4 е подготвен да подазлизга во некој свиок.
Порано зборувавме за електричната иднина, сега зборуваме за електричната сегашност.
Ајде да заокружиме – ID.4 е директен одговор на барањето на купувачите. Купувачите сакаат големи, практични, семејни SUV модели, но истовремено сакаат и еколошки-прифатливи електрични возила – а и европската легислатива ги наметнува. Volkswagen ги искористи сето свое знаење и експертиза за да понуди токму таков модел. Да, во нашите очи ID.4 е можеби нијанса преголем за европските купувачи – но штом народот тоа го бара…
Од друга страна, ID.4 е привлечен, современ и лесен-за-секојдневно-користење автомобил. Семејните купувачи ќе ги ценат практичноста и просторната понуда, а „мирна глава“ моментот доаѓа и со одличната 8-годишна гаранција на батериите. Електричната иднина веќе не е иднина – електричната сегашност полека но сигурно станува наше секојдневие.
Спецификации
Модел: | Volkswagen ID.4 Pro Performance 77 kWh |
Погон: | Електромотор 150 kW, батерија 77 kWh, пренос кон задните тркала |
Моќност: | 204 коњски сили |
Вртежен Момент: | 310 Nm |
Менувач: | Автоматски, директен |
Забрзување 0-100 км/ч: | 8.5 секунди |
Максимална Брзина: | 160 километри на час |
Должина: | 4584 mm |
Ширина: | 1852 mm (без странични ретровизори) |
Висина: | 1640 mm |
Тежина: | 2049 килограми |
Меѓуоскино Растојание: | 2770 mm |
Багажен Простор: | 543 – 1575 литри |
Автономија: | 504 километри според WLTP 420 километри (измерени) |
Цена на основниот модел: | Volkswagen ID.4 Pro 77 kWh – 56.408 Евра |
Цена на тестираниот модел: | Volkswagen ID.4 Pro Performance 77 kWh – 62.820 Евра |
Повеќе Информации: | Volkswagen.com.mk |