BMW ги освежи X5 и X6 – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

BMW ги освежи X5 и X6

Освежените X5 и X6 добиваат повеќе моќ, подобрена автономија на плаг-ин хибридните модели и нови технологии во кабините.

Визуелните освежувања кај големите X5 и X6 вклучуваат редизајнирани предни браници и нови светлосни групи. Светлата се потенки, но X5 и X6 не ги добиваат „двоспратните“ светла како големиот X7. Интересно, X5 сега ќе може да се нарача со осветлена маска на ладилникот, а BMW одлучи да го нуди X6 само со M Sport пакет.

Освежувањата се позначителни во кабината – сите изведби на X5 и X6 го добиваат огромниот закривен екран кој комбинира 12.3-инчен екран за инструментите и 14.9-инчен екран за инфозабавниот уред. Истовремено, BMW ја елиминира конвенционалната рачка за автоматскиот менувач и ја заменува со прекинувач поставен до iDrive контролерот на централната конзола.

Освежените X5 и X6 можат да се нарачаат со еден од многуте мотори кои BMW ги нуди. На самиот врв е моќниот бензински V8 со M TwinPower Turbo кој испорачува 530 коњски сили и 730 Nm вртежен момент. Скалило подолу е 3-литарскиот бензинец со шест цилиндри во линија кој испорачува 380 коњски сили и 540 Nm вртежен момент, односно 3-литарскиот турбодизел со шест цилиндри во линија кој испорачува 300 коњски сили и 670 Nm вртежен момент.

Плаг-ин хибридниот xDrive50e комбинира 6-цилиндерски бензинец со електромотор за вкупна системска моќност од 490 коњски сили и 700 Nm вртежен момент. Овој погон му овозможува на X5 да забрза до 100 километри на час за само 4.8 секунди а благодарение на батеријата со капацитет од 25.7 kWh да помине до 110 километри на струја.

Поврзано:  M3 CS Touring е ултимативниот караван на BMW

Големите SUV модели на BMW ги добиваат и најновите технологии кои баварскиот бренд ги нуди. Интересен новитет е Highway Assistant системот кој е од второ ниво на автономност и овозможува целосно да го пуштите управувачот при брзини до 135 километри на час, но само на одделни патишта. X5 и X6 добиваат и систем за 5G поврзување, како и можноста вашиот Android или Apple телефон да го користите како клуч. Тука се и системите за надградена реалност кои веќе дебитираа кај електричниот iX и многу, многу повеќе.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.