Lamborghini Invencible и Autentica се последен поздрав до не-хибридниот врескачки V12! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Lamborghini Invencible и Autentica се последен поздрав до не-хибридниот врескачки V12!

Специјалните Invencible и Autentica се уникатни автомобили направени во Lamborghini Centro Stile за два многу среќни (и сигурно многу богати) сопственици.

Двата специјални автомобили се последните модели на Lamborghini кои ќе го носат легендарниот, врескачки неелектрифициран V12. Моќниот 6.5-литарски V12 испорачува 780 коњски сили и 720 Nm вртежен момент кон сите четири тркала преку специјален менувач, а автомобилите имаат и Lamborghini Dynamic Steering кој овозможува управување на сите четири тркала.

Всушност, Invencible и Autentica се купе и роудстер верзија на истиот автомобил. Кај двата забележуваме предни светлосни елементи во облик на стрела. Предниот дел е заострен, со нагласени аеро-елементи и детали кои може да ги има само еден Lamborghini. Задниот дел на двата автомобили е навистина интересен – ни се допаѓаат „тројните“ задни светла со шестоаголен дизајн.

Ни се допаѓаат и „нескриените“ задни тркала и сличните детали. Аеродинамиката е малку различна – Invencible има фиксиран заден спојлер, додека Autentica има две вертикални перки. Двата автомобили се поставени на специјални тркала со централни навртки.

Invencible е во црвена Rosso Efesto со црвени детали на карбонот и има Rosso Alara кожа и Nero Cosmus алкантара во кабината. Autentica е во Grigio Titans сива боја со мат-црни и Giallo Auge жолти детали на аеро-елементите. Во кабината кожата е во Nero Ade црна боја, додека алкантарата е во Nero Cosmus и Grigio Octans боја.

Кога сме кај кабините, забележуваме многу, многу карбонски детали – но и отсуство на централно-поставен мултимедијален уред. И тоа е во ред – овие автомобили треба да се слушнат! Како што напоменавме, од Lamborghini кажуваат дека овие автомобили се „последен поздрав“ кон не-електрифицираниот V12. Овој мотор наскоро ќе биде заменет со хибриден V12 кој ќе се вградува во новиот знаменосец на Lamborghini. Според најавеното, наследникот на Aventador ќе го видиме за „само неколку седмици“.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.