M3 CS е многу сличен со M4 CSL, а благодарение на погонот на сите четири тркала – дури е и побрзо од супер-ексклузивното купе на BMW!
Ако M4 CSL е ултимативната возачка машина од М-дивизијата на BMW, тогаш M3 CS е истото тоа, но наменето за попрактичниот, семеен купувач кој одвреме навреме има потреба да пренесе нешто повеќе. Да, од номенклатурата недостасува буквата L, односно Light, но М-дивизијата го компензира тоа со нешто друго.
Со што? Прилагодлив погон на сите четири тркала кој во комбинација со 550-коњскиот твин-турбо линиски шест-цилиндерски бензинец овозможува забрзување до 100 километри на час за 3.4 секунди – 0.3 секунди побрзо од M4 CSL! Погонот на сите четири тркала има активен заден диференцијал, а доколку сака, возачот може да одбере да ја пренесе силата исклучиво кон задните тркала – и да добие дрифт-машина со четири врати, задни седишта и огромен практичен багажник.
Секако, бидејќи M3 CS има и задни врати и задна клупа значи дека е бесконечно попрактичен и покорисен за секојдневна употреба. M3 CS ги добива и карбонските седишта, спортскиот управувач и многуте ситни детали кои дебитираа кај M4 CSL, но го задржува дигиталниот закривен екрај кој дебитираше кај неодамна освежената „Тројка“.
Сега за сега, нема информации во колку примероци ќе биде произведен M3 CS. Како што веќе знаеме, M4 CSL ќе биде произведен во само 1000 примероци (и неколку примероци веќе „поминаа“ и кај нас), но се надеваме дека M3 CS ќе биде произведен во поголеми количини и дека нема да биде толку недостапен како супер-ексклузивниот M4 CSL.