Норвешката компанија за бродски транспорт Havila Kystruten одлучи дека веќе нема да транспортира електрични и електрифицирани возила.
Според информациите кои пристигнаа од NRK Nordland, норвешката транспортна компанија Havila Kystruten веќе нема да транспортира електрични и електрифицирани возила на рутата меѓу крајбрежните градови Bergen и Kirkenes. Интересното е што ова не се однесува само на електрични возила, туку и на хибридните возила и возилата кои користат водород како гориво. Одлуката е донесена поради страв од пожар – иако пожар кај електрично возило се јавува поретко во однос на пожар кај конвенционално возило, сепак за гасење на запалено електрично возило е потребно многу повеќе време и многу повеќе вода.
„Одлуката беше донесена по надворешна анализа на ризикот која беше направена за нас. Заклучокот на таа анализа значи дека ние одлучивме да не транспортираме вакви возила поради безбедносни причини.“ – изјави Lasse A. Vangstein од Havila Kystruten. Според Havila Kystruten, проблемот е повеќе до можностите за сузбивање на пожар на бродовите отколку до фреквенцијата на пожар кај електричните автомобили.
Интересно, главниот конкурент на Havila Kystruten нема никаков проблем со транспортирање електрични возила – „Транспортираме возила меѓу пристаништата веќе 40 години и сè е во ред. Не планираме да престанеме.“ – изјави Martin Henriksen од Hurtigruten.
Одлуката на транспортната компанија Havila Kystruten е интересна, особено со сè поголемата популарност на електричните возила – во Норвешка електричните возила веќе со години се продаваат повеќе од возилата со мотори со внатрешно согорување и повеќе од половина од вкупната бројка на возила на патиштата во Норвешка се плаг-ин хибридни или електрични. Сепак, пожар на брод е навистина сериозна работа – минатата година транспортниот брод Felicity Ace се запали и потона во Атлантскиот Океан, а дел од товарот беа електрични возила/
Секако, ова е прва ваква одлука на една транспортна компанија, а товар кој има батерии со децении се пренесува насекаде низ светот – останува да видиме дали одлуката на Havila Kystruten ќе има некакво влијание и на другите транспортни компании. Има и примери кои се целосно спротивни – на пример, транспортната компанија TT-Line не само што пренесува електрични возила, туку на транспортните бродови вградува и до 32 полначи за електрични возила со максимална моќност до 40 kW.
Фотографија: Kristin Humstad / NRK