Корејскиот бренд подготви специјален прототип од електричниот SUV кој добива напредно управување на сите четири тркала.
Флексибилноста која ја нудат платформите кои се користат за електричните возила е навистина импресивна. „Пакувањето“ на компонентите станува сè понапредно и понапредно, а тоа пак овозможува воведување на интересни нови решенија и технологии.
Hyundai Mobis веќе подолго време работи на e-corner модул наменет за вградување во сериски автомобили и веќе го најде своето место во неколку концепти на брендот. Но најновата верзија на овој напреден управувачки систем се најде во специјално-подготвен Ioniq 5 прототип, опремен со четири вакви модули.
И што овозможува сето ова? Па модулите овозможуваат вртење на сите четири тркала до максимални 90 степени, а тоа пак овозможува маневрабилност која едноставно е без конкуренција. Сакате да се движите странично? Нема проблем. Сакате да го завртите вашиот автомобил „во круг“? Повторно, нема проблем. Замислете колку би било лесно паралелното паркирање?
Дали и кога ќе го видиме ова во сериски автомобил? Нема никакви официјални најави – но самиот факт дека го гледаме ова во автомобил кој веќе постои и се нуди на пазарот… Хм…