SONY и Honda го стартуваат брендот Afeela – Прототипот го најавува првиот автомобил кој пристигнува во 2025! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

SONY и Honda го стартуваат брендот Afeela – Прототипот го најавува првиот автомобил кој пристигнува во 2025!

По неколкуте најави дека ќе стартува производство на автомобили, Sony го официјализираше партнерството со Honda и заеднички го претставија новиот бренд – Afeela.

Во ред, но што значи Afeela? Според Sony, Afeela „ја искажува интерактивната врска во која луѓето ја чувствуваат мобилноста како интелигентен ентитет, но истовременено мобилноста ги чувствува луѓето и општеството“. Ни ние не разбираме.

Она што е поважно е дека Afeela ќе пристигне на пазарот во 2025, а на CES во Лас Вегас двата гиганти го покажаа првиот прототип на брендот. Прототипот нема ни име, но дизајнот зборува навистина многу – пристапот е минималистички, со чисти површини и остри линии (и дури би рекле дека препознаваме малку од минатите генерации на Porsche 911 или пак Alpine во задниот дел).

Кабината е каде се случува вистинскиот технолошки исчекор кој го наметнува Sony – забележуваме огромни екрани, мали дисплеи наменети да функционираат како странични ретровизори, како и лебдечка централна конзола. А да, тука е и управувачот налик на управувач за авион.

Sony соработува со Qualcomm и Epic Games за автомобилот да ги има сите најнови технологии и да може да пристапува кон различни надворешни системи. Истовремено, Sony најавува дека системите во автомобилот ќе користат надградена реалност за зголемена корисност во различни услови. Најавено е и автономно управување од Трето Ниво, како и системи и сензори за асистенција во возењето.

Немаме никакви дополнителни информации околу погонот, знаеме само дека е со погон на сите тркала, што пак сугерира дека користи два или повеќе електромотори.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.