ТЕСТ: Jaguar E-Pace SE D165 MHEV AWD A9 – Зад воланот на освежениот најмал SUV на Jaguar – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Jaguar E-Pace SE D165 MHEV AWD A9 – Зад воланот на освежениот најмал SUV на Jaguar

Британскиот бренд во изминатата година ја освежи безмалку целата гама на возила, а освежување доби и најмалиот SUV во понудата – E-Pace. Па како се снаоѓа E-Pace во ултра-компетитивниот сегмент на компактни премиум SUV модели?

Сегментот во кој се натпреварува E-Pace е супер-компетитивен, а конкуренцијата доаѓа како „од дома“ (во форма на Range Rover Evoque и Land Rover Discovery Sport) така и од надвор, во форма на луксузни компактни SUV модели кои доаѓаат од Германија, Италија и Јапонија. И конкуренцијата не само што е многубројна, туку е и докажана – а тоа пак значи дека за еден модел да се истакне меѓу конкурентите, мора да е навистина поинаков и навистина добар. Нема тука место за просечност.

E-Pace изгледа како да е извајан од едно единствено парче алуминиум

Дизајнерите на Jaguar биле прилично дискретни со своите естетски корекции, па E-Pace гради врз постоечкиот дизајн и динамичниот став. Забележуваме редизајниран преден лик со нов и подинамичен браник со целосно редизајнирани отвори за воздух и посовремна маска на ладилникот, како и редизајнирани предни светла со нови „Double-J“ дневни светлосни елементи.

Профилот е воглавно неизменет, но достапни се нови бои и нови дизајни за тркалата. Кога сме тука, ќе додадеме дека во морето на „дијамантски-сечени“ вакви или онакви тркала, ни се допаѓаат едноставните, еднобојни тркала на нашиот тестен модели.  На задниот дел вниманието го привлекуваат задните светла со редизајнирана графика, како и редизајнираните декоративни елементи во задниот браник.

Околу целиот автомобил преовладуваат чисти и едноставни површини, а во оваа ненаметлива сребрена боја, E-Pace изгледа како да е „извајан“ од едно единствено парче алуминиум. E-Pace е суптилен, но истовремено нагласено скапоцен – каков што еден Jaguar треба да биде.

Поврзано:  Jaguar C-X75 повторно се враќа

Најважните измени се во кабината

Одиме внатре, каде се направени најважните измени. Уште кога го претставија освежениот E-Pace, од Jaguar најавија дека инженерите посветиле многу време и внимание покрај технолошките надградби, во кабината да се подобрат звучната изолација и чувството на рафинираност.

Ајде прво за технолошките надградби. E-Pace го добива новиот 11.4-инчен Pivi Pro инфозабавен систем со сите нови функционалности кои ги нуди. Забележуваме и редизајниран управувач, како и нова рачка за автоматскиот менувач. Pivi Pro инфозабавниот уред доаа со сопствен систем за навигација и можност за поврзување со мобилен телефон, а има и безжично Apple CarPlay поврзување, но за жал Android Auto системот функционира (сега за сега) преку кабел. Веднаш под инфозабавниот уред се поставени физичките контроли за клима уредот.

Пред возачот е поставен делумно-дигитален панел со инструменти, а сите контроли се јасни и лесни за користење. Прегледноста е прилично добра, освен кон задниот дел каде свој ефект има ниското задно ветробранско стакло – но и тој недостаток се компензира со одличната паркинг-камера со висока резолуција.

Зборувавме за рафинираноста – и тука е направен уште еден голем чекор нанапред. Забележително е подобрена звучната изолација, а дополнително внимание е посветено и на материјалите и текстурите во ентериерот. Комбинацијата на бои во кабината на нашиот тестен модел можеби е малку несекојдневна, но нам ни се допадна, а сè што допревме е фино и скапо на допир.

E-Pace можеби не е најпросторниот SUV во сегментот, но задната клупа е доволно просторна за да собере двајца патници. Има место и за тројца, не дека не – но не би го препорачале тоа на подолги возења. Ќе ги пофалиме практичните и лесно-достапни Isofix места за фиксирање бебешко седиште, како и задните врати кои се отвораат доволно широко за пристапот кон задната клупа да е лесен.

Поврзано:  Jaguar C-X75 повторно се враќа

Лесно се пристапува и кон багажниот простор кој достапен преку голем и правилен отвор, а на располагање ќе имате 601 литар, односно одлични 1386 литри со преклопени задни седишта.

Нов 2-литарски турбодизел кој испорачува 163 коњски сили

Нашиот тестен модел дојде со новиот 2-литарски турбодизел на JLR кој испорачува 163 коњски сили при 3750 вртежи во минута и 380 Nm од само 1500 вртежи во минута. Да, тоа е истиот турбодизел кој неодамна го возевме и во Range Rover Evoque, и рафинираниот 4-цилиндерски мотор успеа повторно да нè импресионира.

Нè импресионираше како со перформансите – овозможува 100 километри на час за респектабилни 9.8 секунди, како и максимални 200 километри на час, така и со рафинираноста и скоро целото филтрирање на несаканите вибрации. Силата ја пренесува кон сите четири тркала преку одличен 9-брзински автоматски менувач кој го менува својот карактер во зависност од избраниот режим на возење – достапни се Eco, Comfort и Dynamic – и во Dynamic, E-Pace успева да го пренесе сиот свој потенцијал.

E-Pace импресионира со својата неутралност и предвидливост

Од свиок во свиок, E-Pace импресионира со неговата неутралност и предвидливост. Да, погонот е примарно на предните тркала но во оној момент кога ќе забележи дека се случува некакво пролизгување, системот испраќа моќност и кон задните тркала и едноставно го чувствувате задниот дел како се „вовлекува“ и како верно ги следи командите. Да, во ред, ова не е спортски автомобил – ова е SUV кој тежи 1840 килограми – но неговата игривост успеа да нè изненади.

Од друга страна, кога сакате да биде мирен, тивок и цивилизиран, E-Pace се трансформира во спокоен сопатник. Звучната изолација е одлична, а суспензијата ги филтрира нерамнините од мозаикот наречен „Македонски Улици“. Суспензијата е на поцврстата страна, но тоа се должи на динамичниот карактер на било кој Jaguar, и не би сакале да е поинаку.

Поврзано:  Jaguar C-X75 повторно се враќа

Знаењето и мајсторството од поголемите модели на Jaguar се пренесени во E-Pace

E-Pace можеби е најмалиот модел во понудата на Jaguar, но тоа не значи дека на него е штедено. Напротив, британскиот бренд ги искористил знаењето и мајсторството кое ги има од поголемите модели за да понуди компактен луксузен SUV кој не само што е конкурентен, туку на многу начини успева да доминира пред конкуренцијата. Новата кабина е полуксузна и подобра од било кога и вистинско уживање е да се поминува време во неа, а технолошките решенија се токму она кое купувачите го бараат. Луксузот и динамичноста се неизбежни кога зборуваме за еден Jaguar, а престижот кој доаѓа со значката е одличен бонус!

Спецификации

Модел: Jaguar E-Pace SE D165 MHEV AWD A9
Мотор: 2-литарски турбодизел, 4 цилиндри
Моќност: 163 коњски сили / 3750 вртежи во минута
Вртежен Момент: 380 Nm / 1500 – 2500 вртежи во минута
Менувач: Автоматски, 9 брзини
Забрзување 0-100 км/ч: 9.8 секунди
Максимална Брзина: 200 километри на час
Должина: 4395 mm
Ширина: 1984 mm (без странични ретровизори)
Висина: 1648 mm
Тежина: 1840 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2681 mm
Багажен Простор: 601 – 1386 литри
Потрошувачка: 8.3 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на тестираниот модел: Jaguar E-Pace SE D165 MHEV AWD A9 – 63.000 Евра
Повеќе Информации: https://mk.jaguar.com/

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.