Renault и Geely најавија дека ќе бидат еднакви сопственици во нова компанија која ќе испорачува мотори со внатрешно согорување и хибридни технологии како на своите брендови, така и на други производители.
Дали ова значи дека на повидок е уште едно окрупнување на автомобилските гиганти? Сега за сега, не можеме да шпекулираме, но знаеме дека е значителен чекор во комплексниот процес на реструктурирање на Renault. Францускиот бренд веќе најави темелна реконструкција и најави дека ќе го издвои производството на мотори со внатрешно согорување во засебен ентитет. Renault веќе најави дека бизнисот кој ќе произведува мотори со внатрешно согорување го има кодното име Horse, а бизнисот за електромотори Ampere.
Заедничката компанија на Renault и Geely ќе вработува вкупно 19.000 луѓе во 17 различни фабрики и три центри за истражување и развој. Според најавеното, финалниот договор и лансирањето на компанијата треба да се случат во 2023. Прелиминарниот договор кој се преговара веќе три месеци е необврзувачки, а новата компанија според извори во Renault ќе биде базирана во Лондон. Како што веќе рековме, Renault и Geely ќе бидат еднакви сопственици во новата компанија, но немаме никакви понатамошни нформации.
За Geely ова е можеби уште поинтересен чекор. Компанијата продолжува да гради партнерства надвор од Кина – кинескиот гигант веќе е сопственик на Volvo и со 9.7% учество е еден од најголемите акционери во Daimler. Geely веќе работи со Daimler на целосно-новата генерација на возила од брендот Smart.
Renault и Geely најавија дека очекуваат заедничката компанија да испорачува мотори со внатрешно согорување и хибридни технологии на сите брендови кои се дел од Renault-Nissan-Mitsubishi алијансата, брендови кои се дел од Geely, но и на надворешни производители кои ќе одлучат да набавуваат мотори од новиот гигант. Според најавеното, очекуваат дека ќе можат да испорачаат околу 5 милиони мотори и хибридни системи годишно.