Електричниот Lexus UX 300е добива поголема батерија и 40% поголема автономија – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Електричниот Lexus UX 300е добива поголема батерија и 40% поголема автономија

Lexus подготви освежување за најмалиот модел во својата понуда, кој покрај подобрените технологии добива и надградена електрична верзија со значително поголема автономија!

UX е најпродаваниот модел на Lexus во Европа – продажбата на UX оваа година е зголемена за дури 25% во однос на истиот период минатата година. Заслугата за зголемената продажба на UX Lexus ја придава токму на хибридните и електрични изведби на јапонскиот премиум кросовер. Доколку сакате да дознаете повеќе за хибридниот UX, препорачуваме да го погледнете нашиот тест на Lexus UX 250h.

Електричниот кросовер добива поголема батерија која ја подобрува автономијата за повеќе од 40%. Во истиот простор каде вградуваше батерија со капацитет од 54.3 kWh, Lexus сега ќе вградува батерија со капацитет од 72.8 kWh – што пак го зголемува досегот од околу 315 на одлични 450 километри со 17-инчни тркала, односно 440 километри со 18-инчни тркала. Електромоторот останува непроменет, па и понатаму испорачува 204 коњски сили и 300 Nm вртежен момент. Истовремено, од Lexus нагласуваат дека рекалибрирано е управувањето и електричниот кросовер добива ревидирана суспензија и зацврстена шасија за да понуди подобро возачко искуство.

Инаку, освежувањето се однесува и на сите други изведби на UX – како на хибридниот UX 250h и конвенционалниот UX 200. Кабината кај сите модели добива поголеми 8 или 12-инчни мултимедијални уреди кои нудат повеќе опции за поврзување (меѓу другото и безжично Apple CarPlay и Android Auto поврзување), но Lexus ќе понуди и нови опции за материјали во кабината и уште неколку додатоци.

Интересен новитет е F Sport Design нивото на опрема кое вклучува спортски детали на екстерериот, додека постоечкиот F Sport добива и адаптивна варијабилна суспензија. Надградените UX 250h и UX 200 веќе започнаа да се произведуваат, додека освежениот електричен UX 300e ќе биде достапен на почетокот на следната година.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.