ПРЕМИЕРА: Škoda Enyaq iV RS е практичен и динамичен електричен SUV – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Škoda Enyaq iV RS е практичен и динамичен електричен SUV

Според Škoda новиот Enyaq iV RS нуди високи перформанси во практичен пакет, но и 500 километри со едно полнење на батериите!

По Enyaq Coupe iV RS, Škoda денес ни го претстави „конвенционалниот“ Enyaq iV во поспортската RS изведба. Под каросеријата на Enyaq iV RS се кријат два електромотори кои кон сите четири тркала испорачуваат 220 kW, односно 300 коњски сили и огромни 460 Nm вртежен момент. Сето тоа значи забрзување до 100 километри на час за 6.5 секунди, како и максимални 180 километри на час.

Истовремено, Enyaq iV RS ветува автономија од над 500 километри со едно полнење на батериите. Батериите се со капацитет од 82 kWh, а свој придонес има и аеродинамиката со коефициент од само 0.265 Cd. Дополнително, целиот автомобил е поблиску до подлогата – 15 милиметри напред и 10 милиметри назад.

Инаку, Enyaq iV RS ќе го препознаете по специјалните 20-инчни Taurus или 21-инчни Vision тркала, специјалните значки и црните декоративни елементи. За оваа изведба е резервирана и специјалната Hyper Green зелена боја, а дел од стандардната опрема се и Matrix LED предните светла.

Стандардни во кабината се 5.3-инчниот дигитален кокпит и 13-инчниот дигитален мултимедијален уред, како и 3-зонскиот клима уред, LED амбиенталното осветлување, безжично полнење за мобилен телефон и сите системи за асистенција. Секако, има и многу простор, а Enyaq iV RS може да се пофали и со 585-литарски багажен простор.

Производството на Enyaq iV RS е веќе започнато во фабриката на Škoda во Млада Болеслав. Истовремено, од Škoda се пофалија дека се блиску до произведување на 100.000-тиот примерок на Enyaq iV – електричниот SUV на чешкиот бренд е навистина популарен!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.