Со најновата моделска година, Land Rover воведе нови мотори кај своите модели – меѓу кои и Range Rover Evoque – а тоа е сосем доволна причина за повторно да седнеме зад управувачот на Evoque и да го пробаме новиот мотор со 163 коњски сили.
Evoque не ни е непознат – всушност веќе два пати се има појавено на нашите страници. Сепак, ниту трет пат не е на одмет, а новиот мотор е одлична причина. Како што веќе добро знаеме, Evoque е најмалиот SUV во понудата на Range Rover, но тоа не значи дека е „штедено“ на теренските таленти и аристократските карактерни особини – напротив. Кај Evoque се забележуваат истите афинитети кон луксузот кои ги препознаваме и кај најновите Range Rover и Range Rover Sport, но во едно помало, покомпактно, би рекле дури и пологично пакување.
Неколку години по неговото лансирање, Evoque сè уште изгледа свежо
Нашиот тестен модел е во привлечната Fuji White бела боја, во комбинација со Black Exterior Pack, црн кров и 20-инчни црни тркала. Сето ова прави вака-конфигурираниот Evoque да биде привлечна глетка – неколку години по неговото лансирање, Evoque сè уште изгледа свежо.
Едноставно доминираат привлечните детали – тенките предни светла, ниските стаклени површини и длабоките задни светла, во комбинација со рачките од вратите кои се вовлекуваат во каросеријата и целосното отсуство на непотребни детали прави Evoque да е кохезивен, достоинствен и едноставно да изгледа скапо.
Неретко кажуваме дека конкуренцијата настапува преагресивно, дури и вулгарно – и Evoque повторно ни потврдува дека еден SUV не мора да „вреска“ со дизајнот за да се истакне меѓу конкурентите. Токму неговата дискреција го прави да биде забележлив – ако тоа има некаква логика.
Во кабината на Evoque преовладува чувството на ексклузивност
Истиот помалку-е-повеќе пристап продолжува и во кабината. Нè пречекуваат супер-комфорни седишта кои овозможуваат да седиме ниско и да се чувствуваме како да сме во спортски автомобил. Сите команди веќе добро ги познаваме и веднаш се чувствуваме „како дома“.
Си ги повторуваме првите впечатоци – возачката позиција е добра, прегледноста е задоволителна (но купеовската форма на Evoque го зема својот данок во однос на прегледноста кон задниот дел) и лесно се снаоѓаме.
На централната конзола е поставена најновата верзија на Pivi мултимедијалниот уред со безжично Android Auto и Apple CarPlay поврзување, како и навигација и сите други модерни системи. Под него се контролите за клима-уредот и режимите на возење, како и контролите за загревањето на возачкото и совозачкото седиште. Убаво е да се види дека компромисот меѓу физички и дигитални контроли може да биде постигнат без прекумерно лутање по разно-разни менија во мултимедијалниот уред.
Во целата кабина преовладува чувство на ексклузивност. Да, Evoque е бесрамно луксузен автомобил и тоа се забележува по материјалите, текстурите и квалитетот на завршната обработка. Ако мора да одбереме еден збор да ги опишеме овие нешта ќе кажеме – беспрекорни.
Нов, помоќен и поефикасен мотор
Но ајде да зборуваме за моторот. Новиот мотор со ознака D165 всушност испорачува 163 коњски сили при 3750 вртежи во минута и одлични 380 Nm вртежен момент од само 1500 вртежи во минута. Силата ја пренесува кон сите четири тркала преку 9-брзински автоматски менувач, а има и лајт-хибридна компонента за дополнително подобрување на ефикасноста.
Што значи сето ова преведно во перформанси? Забрзување до 100 километри на час за 9.8 секунди, како и максимална брзина од 199 километри на час. Истовремено, тежи и околу 70-тина килограми помалку од Evoque со 150-коњскиот турбодизел, а сето тоа значи дека со новиот мотор Evoque е скоро 1.5 секунди побрз до 100 километри на час, но и има и нијанса повисока максимална брзина.
Сето ова позитивно се одразува и на управливоста – Evoque секогаш бил импресивно динамичен, но инженерите на Range Rover посветиле внимание и на суспензијата па сега компактниот SUV уште поверно ги следи насоките од возачот и ја менува траекторијата со подготвеност која успешно прикрива дека возите SUV. И покрај големите тракала, во кабината не се пренесуваат скоро никакви вибрации, а Evoque успешно ја сокрива неговата тежина и се однесува максимално неутрално во свиоци.
Од друга страна, кога ќе посакате да уживате во рафинираноста, ќе истакнеме дека новиот турбодизел е меѓу најрафинираните мотори во класата и работи незабележливо и мирно. Максимални поени! За време на неколкудневното тестирање, измеривме потрошувачка меѓу 8 и 9 литри дизел на 100 изминати километри – повеќе од прифатлива бројка.
Evoque е уникатно мултиталентиран
Сакате и теренско возење? Нема проблем. Terrain Response системот нуди неколку различни режими на работа и ги гарантира докажаните теренски способности кои мора да ги има било кој Range Rover. А сето ова го прави Evoque да биде уникатно мултиталентиран. Од една страна нуди врвен луксуз и максимална рафинираност, од друга страна може да понуди динамично возење, а од трета страна нуди и теренски можности за кои многу од конкурентите можат едноставно да му позавидат.
Evoque ни е еден од омилените компактни луксузни SUV модели на пазарот – и има зошто. Ако неговата мултиталентираност не е доволен аргумент, тука е и духот на престиж и луксуз кој е неизбежен за секој Range Rover, но и дизајнот кој ќе изгледа безвременски и по многу, многу години. Минатиот пат рековме дека Evoque е најмалиот Range Rover, но не е ништо помалку Range Rover од другите, поголеми модели на Range Rover. И треба ли да се каже нешто повеќе?
Спецификации
Модел: | Range Rover Evoque SE D165 AWD A9 MHEV |
Мотор: | 2-литарски турбодизел, 4 цилиндри |
Моќност: | 163 коњски сили / 3750 вртежи во минута |
Вртежен Момент: | 380 Nm / 1500 – 2500 вртежи во минута |
Менувач: | Автоматски, 9 брзини |
Забрзување 0-100 км/ч: | 9.8 секунди |
Максимална Брзина: | 199 километри на час |
Должина: | 4371 mm |
Ширина: | 2100 mm (со странични ретровизори) |
Висина: | 1649 mm |
Тежина: | 1815 килограми |
Меѓуоскино Растојание: | 2681 mm |
Багажен Простор: | 591 – 1383 литри |
Потрошувачка: | 8.3 литри на 100 километри (измерена, градска) |
Цена на тестираниот модел: | Range Rover Evoque D150 S AWD A9 MHEV – 74.900 Евра |
Повеќе Информации: | https://mk.landrover.com/ |