Новиот GranTurismo доаѓа со електричен погон со 750 коњски сили, или пак со 3-литарски Nettuno V6 кој испорачува до 550 коњски сили!
Maserati го лансира новиот GranTurismo – кој овој пат доаѓа како целосно-електричен супер-автомобил, или пак како моќен твин-турбо бензински GT.
Сакате перформанси од кои застанува здивот? Одберете го електричниот GranTurismo Folgore и ќе добиете три електромотори кои испорачуваат по 400 коњски сили – еден на предната оска и два на задната. Ова платформа е поставена врз 800-волтна архитектура и испорачува вкупно 750 коњски сили и 1350 Nm (!!) вртежен момент. Батеријата е централно-поставена и е со капацитет од 92.5 kWh и системот може да ја испорача целата сила кон задните тркала. Резултат на сето ова? 100 километри на час за само 2.7 секунди, како и максимални 320 километри на час.
Сакате нешто поконвенционално? Тука се Modena и Trofeo изведбите кои го користат 3-литарскиот Nettuno V6 кој веќе дебитираше кај импресивниот Maserati MC20. Супер-модерниот V6 има систем за деактивација на цилиндрите за да ја подобри ефикасноста и се нуди во две конфигурации. Одберете го GranTurismo Modena и ќе добиете 490 коњски сили и 600 Nm вртежен момент. Штиклирајте го Trofeo и ќе добиете 550 коњски сили и 650 Nm вртежен момент. Помоќниот Trofeo забрзува до 100 километри на час за 3.9 секунди и е електронски-ограничен на 302 километри на час.
Без разлика на верзијата која ќе ја одберете, ќе добиете 20-инчни тркала напред, односно 21-инчни позади, а електричниот Folgore добива специјални аеро-оптимизирани тркала кои значително ја подобруваат аеродинамиката – и со тоа и автономијата. Folgore има и засебни отвори за воздух кои ја намалуваат бучавоста. Сега за сега немаме информации за тоа како изгледа ентериерот на новиот GranTurismo – Maserati уште не ни го открива, но најавено е дека целосно ќе биде покажан на почетокот на следната година.