ПРЕМИЕРА: Новиот Mercedes-AMG C63 го заменува моќниот V8 со 4-цилиндерски хибрид со 680 коњски сили! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Новиот Mercedes-AMG C63 го заменува моќниот V8 со 4-цилиндерски хибрид со 680 коњски сили!

Пристапот кај новиот Mercedes-AMG C63 S E Peformance е радикално поинаков – нема веќе голем V8, туку на негово место доаѓа моќен и ефикасен хибриден погон кој комбинира 2-литарски турбо-бензинец со моќен електромотор.

Погонот на новиот Mercedes-AMG C63 S E Performance комбинира 2-литарски турбо-бензинец кој веќе се вградува во SL 43 и Mercedes-AMG C43. Моторот има електричен турбополнач, кој во оваа изведба е значително поголем. Тоа резултира со импресивни 476 коњски сили и 545 Nm само од моторот со внатрешно согорување. Истовремено, оваа конфигурација на моторот го прави да биде најмоќниот мотор со четири цилиндри во светот.

Моќниот турбо-бензинец соработува со електромотор кој испорачува дополнителнио 204 коњски сили кон задните тркала. Моторот е вграден директно во задната оска која добива и електронски-контролиран диференцијал со ограничено пролизгување. Моторот овозможува автономија од 13 километри на електрична енергија, како и возење на струја при брзини до 125 километри на час. Тоа не звучи како многу – но од Mercedes-AMG кажуваат дека кај овој хибриден погон приоритет бил даден на моќта и перформансите, а не на ефикасност.

Вкупната системска моќност е импресивни 680 коњски сили и уште поимпресивни 1020 Nm вртежен момент – а тоа значи дека новиот погон е значително помоќен од стариот твин-турбо V8 кој го заменува. Според официјалните податоци, забрзувањето до 100 километри на час трае само 3.4 секунди а максималната брзина е 250 или 270 километри на час, ако доплатите, секако.

Силата се испорачува кон сите четири тркала, но купувачите ќе можат да одберат меѓу погон на сите четири или погон само на задните тркала, а тука е и режимот за возење само на струја. C63 за прв пат добива и управување на задната оска, а интересен е и новиот Master режим на возење кој ги овозможува оние добро-познати AMG возачки карактеристики.

Поврзано:  Mercedes-Benz тестира EQS со цврста батерија и автономија до 1000 километри

Како и секогаш, кабината добива грст AMG додатоци – од спортски седишта и поспортски управувач, до спортски педали и специјална AMG графика за дигиталните инструменти. Во кабината забележуваме и многу детали од карбон или алуминиум, како и контрастни шевови, перфорирана кожа и многу, многу повеќе. А да, за фановите на караваните, Mercedes-AMG одлучи да го понуди C63 E Performance и во караванска изведба која има еквивалентни перформанси, а игра на картата на практичност и секојдневна корисност.

Работите на некој начин се менуваат, но на друг начин остануваат исти. Ќе ни недостасува V8 звукот, секако – но перформансите на новиот Mercedes-AMG C63 E Performance воопшто не се за занемарување.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.