ПРЕМИЕРА: Mitsubishi го претстави новиот ASX, базиран на Renault Captur – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Mitsubishi го претстави новиот ASX, базиран на Renault Captur

Јапонскиот производител конечно претстави целосно нов ASX – кој овој пат ќе доаѓа од фабрика која ни е значително поблиску.

Новиот ASX ќе пристигне во салоните на почетокот на следната година, но Mitsubishi ги објави првите фотографии, како и деталите околу погонските опции на новиот кросовер. Како што веќе најавивме, новиот ASX е поставен на CMF-B платформата на Renault-Nissan-Mitsubishi алијансата и ги дели гените со одличниот Renault Captur. Сепак, ASX добива неколку дизајнерски елементи кои го издвојуваат од неговиот француски брат – забележуваме редизајнирана предна маска со хромирани елементи кои се спојуваат директно со светлосните групи, а врвно-опремените верзии ќе можат да се нарачаат и со црн кров.

Секако, новиот ASX ги следи трендовите, па ќе може да се добие со еден од пет различни погонски опции. Основниот погон е 1-литарски три-цилиндерски турбо-бензинец со шест-степен мануелен менувач и 90 коњски сили.

Над него е 1.3-литарски четири-цилиндерски турбо-бензинец со шест-степен мануелен менувач или 7-брзински автоматски менувач, со лајт-хибриден погон во обете изведби, и 138 или 156 коњски сили. Тука е и 1.6-литарскиот самополнечки хибрид со 141 коњска сила, а на врвот е 1.6-литарскиот плаг-ин хибрид со 160 коњски сили кој може да помине до 49 километри со едно полнење на батериите.

Во зависност од одбраното ниво на опрема, купувачите ќе добијат аналогни или дигитални инструменти, како и 7-инчен или 9-инчен мултимедијален уред со Android Auto и Apple CarPlay поврзување. Секако, тука се и сите системи за активна и пасивна безбедност кои алијансата веќе ги има во своето портфолио.

Како што напоменавме, продажбата се очекува да започне на почетокот на следната година.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.