ПРЕМИЕРА: Ford го претстави новиот Mustang – доаѓа со 5-литарски V8! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Ford го претстави новиот Mustang – доаѓа со 5-литарски V8!

Ford ја претстави најновата, седма генерација на легендарниот Mustang која ќе пристигне и во Европа, а ќе доаѓа со 5-литарски V8 и со 6-степен мануелен или 10-брзински автоматски менувач!

Да, новиот Mustang и понатаму ќе се нуди со V8. Во САД ќе се нуди и 2.3-литарскиот EcoBoost турбо-бензинец, кој се нудеше и во Европа кај минатата генерација, но Ford забележа дека побарувачката за овој мотор на стариот континент е прилично мала, па пред неколку години одлучи да го исклучи од понудата. Сега за сега немаме информации околу моќноста и перформансите, но од Ford кажуваат дека новиот Mustang ќе биде „најатлетскиот и уверлив Mustang досега“. Тоа значи дека можеме да очекуваме најмалку 450 коњски сили од моќниот V8, односно и повеќе кај специјалните изведби.

Со големиот V8 ќе соработуваат и низа други компоненти – дел од стандардната опрема ќе биде диференцијал со ограничено пролизгување, Brembo сопирачки, прилагодлив издувен систем, селектор на режими за возење, а достапни ќе бидат и активна суспензија и грст други додатоци.

Секако, новиот Mustang ќе се нуди и како кабриолет, со електрично-задвижуван платнен кров, а особено интересен ни е новиот Mustang Dark Horse кој е ориентиран кон тркачките патеки и ќе добие надграден V8 кој се очекува да нуди „околу 500 коњски сили“.

Mustang Dark Horse ќе добие надградени компоненти во моторот, дополнителен ладилник за моторното масло, надграден систем за ладење и зајакнат 6-степен мануелен менувач од Tremec. Дополнително, ќе добие Torsen диференцијал со ограничено пролизгување, уште поголеми Brembo сопирачки, надградена суспензија и поголеми стабилизатори. Тркалата ќе бидат обвиени во Pirelli P Zero пневматици.

Поврзано:  Новиот Ford Mustang GT пристигна во Македонија!

Визуелно ќе го препознаеме преку затемнетите задни светла, засебната предна маска на ладилникот и големите тркала. Дел од приказната е и аеро-пакет со понагласен преден сплитер, длабоки странични прагови и агресивен дифузер. Ќе може да се нарачаат и целосно-карбонски тркала кои досега беа резервирани само за Shelby GT моделите.

Секако, многу внимание е посветено и на ентериерот на новиот Mustang. Oд Ford кажуваат дека „ова е технолошки најнапредниот ентериер во било кој Mustang досега“. Пред возачот е поставен 12.4-инчен дигитален панел со интрументи, кој пак е споен со 13.4-инчен дигитален мултимедијален уред поставен на централната конзола. Инфозабавниот систем ќе го користи најновиот SYNC 4 оперативен систем со целосно Android Auto и Apple CarPlay поврзување. Купувачите ќе добијат и безжично полнење на мобилен телефон, премиум аудио уред од Bang & Olufsen…

Новата генерација се очекува да пристигне на пазарот следната година, а се најавува и специјална изведба која ќе дебитира во 2024, за 60-тиот роденден на легендарниот Ford Mustang.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.