ТЕСТ: Citroën C5 X Hybrid 225 S&S ë-EAT8 SHINE – Самоуверено поинаков! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Citroën C5 X Hybrid 225 S&S ë-EAT8 SHINE – Самоуверено поинаков!

Веќе неколку години, Citroën во својата гама немаше вистински знаменосец. Сега, со новиот C5 X, францускиот бренд отвора ново поглавје во својата историја, но и нов сегмент кај автомобилите. Ајде да зборуваме за најновиот, најголем Citroën!

Citroën има одлична историја на големи, комфорни автомобили кои едноставно се издвојувале и од една страна им биле привлечни на оние кои навистина ги разбирале, но и на оние кои сакале да го избегнат (традиционалниот) избор на германски седан. Да, тука зборуваме за легендарните CX, XM и (до пред десеттина години) C6. Ова беа автомобили кои се наметнаа не преку „спортски возни својства“ или преку „брутално забрзување“ – туку преку еден поинаков, поопуштен, попријатен пристап кон нештата.

Како што автомобилската индустрија ја доживува својата трансформација, истото се случува и кај Citroën – а тоа најдобро го гледаме токму кај модели како новиот C5 X. Импресивните и убедливи зачетоци на оваа трансформација ја видовме неодамна кај новиот C4, но сето она кое Citroën го знае и го познава, го доживува својот зенит токму кај новиот C5 X.

Што е C5 X? Прашајте петмина, ќе добиете пет различни одговори – и никој нема да ве излаже.

А што е всушност C5 X? Ако прашате петмина, ќе добиете пет различни одговори. Некој ќе ви каже дека е SUV, некој ќе ви сугерира дека е „караван, ама не баш караван“. Некој можеби ќе ви каже дека е „кросовер, ама знаеш, со повеќе простор“ – и вистината е дека никој нема да ве излаже. Со C5 X, Citroën започнува нов сегмент – а со тоа, и нема некаква строго-дефинирана конкуренција и не е директно-споредлив со ниту еден друг автомобил.

Во нашите очи, Citroën C5 X е интересна и храбра комбинација меѓу купе-седан, караван и SUV. Формата е несекојдневна, но забележлива и привлечна. Всушност, кај C5 X ја гледаме најчистата интерпретација на дизајнерските насоки кои Citroën ги најави со Cxperience концептот уште во 2016!

При првото пристапување кон C5 X, вниманието го задржува несекојдневната форма, но потоа ги откриваме ситните, привлечни детали и забележуваме дека предниот дел е широк, а димензиите се дополнително истакнати преку хромираниот елемент кој го спојува централно-поставеното лого на Citroën со светлосните групи. Светлата се поделени – на горниот дел се поставени дневните LED светла, додека под нив, во комплексна форма се поставени кратките и долгите LED светла. Поклопецот на моторот е дизајниран со комбинирање на позитивен и негативен простор – а тоа пак оддава чувство на луксуз и комплексност.

Иако C5 X има кросоверски елементи благодарение на повисоката суспензија, сепак профилот е долг и низок, а детали како декоративните хромирани лајсни кои одат над прозорците само го истакнуваат ова. Ни се допаѓаат и „отсечените“ крила, како и засечениот сегмент во долниот дел од вратите – сите овие детали го прават профилот да биде визуелно низок и навистина елегантен.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Со C5 Aircross Concept, Citroën го најавува следниот семеен SUV

На задниот дел вниманието оди кон широките светлосни елементи и двата дискретни спојлери – еден поставен на работ на „металот“ од петтата врата, еден на самиот врв над стаклената површина од петтата врата. Ваквите дизајнерски детали уште повеќе го издолжуваат C5 X и ја наменуваат неговата големина.

А C5 X е голем – навистина голем. Долг безмалку 5 метри и широк скоро 2 метри, C5 X нуди многу простор во кабината, каде вниманието е насочено кон нешто кое ќе го наречеме добросостојба.

Простор на претек, седишта како фотелји и фокус кон квалитетот

Ја отвораме возачката врата и нè пречекува кабина каде многу, многу внимание е посветено на тоа чуство на добросостојба и пријатност. Се сместуваме во возачкото седиште кое повеќе наликува на фотелја отколку на седиште и тука веднаш се забележуваат оние Advanced Comfort детали на Citroën. Седиштата се изработени од специјална пена наменета да ги абсорбира најситните вибрации – и верувајте, прави разлика!

Сите површини кои можеме да ги допреме се покриени со фини, квалитетни материјали. Обрнато е внимание не само на материјалите, туку и на текстурите – сè што гледаме е убаво не само за очите, туку и на допир. Дури и декоративните шевови се во форма на логото на Citroën!

Пред возачот е поставен управувач со малку несекојдневна форма, но формата е таква за полесно да се гледаат инструментите поставени на дигиталниот дисплеј пред вашите очи.

Директно над управувачот, на ветробранското стакло се проектира големиот хед-ап дисплеј кој е во боја, висока резолуција и е супер-детален. На него можете да видите инструкции за навигацијата, или пак детали околу возењето.

Високо на централната конзола е поставен најновиот дигитален мултимедијален уред кој Citroën го нуди, и кој е најмалку едно скалило повисоко од сите други вакви системи на францускиот бренд. Системот е респонзивен, брз и одлично изгледа, и секако доаѓа со поддршка за безжично поврзување со Android Auto и Apple CarPlay.

Под мултимедијалниот уред и отворите за вентилација се поставени (физичките, благодариме многу) контроли за клима-уредот, а на централниот гребен меѓу возачот и совозачот има простор за одлагање дребулии, безжичен полнач за телефон, како и контролите за менувачот и селекторот на режим за возење.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Citroën ги претстави освежените C4 и C4 X

Оттука се префрламе на задната клупа. Повторно – сите површини се убави и на изглед и на допир, а задната клупа супер-комфорна и просторна. Има доволно простор и за главите и за нозете на патниците, а ќе патуваат и кон подалечни дестинации во врвен комфор.

Багажниот простор е достапен преку голема и широка петта врата, а на располагање ќе имате капацитет од одлични 545 литри, односно 485 литри кај плаг-ин хибридот (заради батериите) кои растат на одлични 1580 литри кога е преклопена задната клупа.

Моќен и ефикасен плаг-ин хибриден погон

Нашиот тестен модел дојде со врвниот погон кој се нуди кај C5 X – а тоа значи плаг-ин хибриден погон кој комбинира 1.6-литарски PureTech турбо-бензинец со батерија која има капацитет од 12.4 kWh и електромотор кој испорачува 110 коњски сили. Вкупната, системска моќност е 225 коњски сили и 360 Nm вртежен момент – доволни за забрзување до 100 километри на час за одлични 7.9 секунди и максимални 233 километри на час.

Официјалните податоци говорат дека C5 X може да помине до 60 километри на електрична енергија, но за време на неколкудневното тестирање ние успеавме да поминеме поблиску до 50 километри со едно полнење на батериите.

Што се случува ако ја испразните батеријата „до даска“? Тогаш C5 X станува конвенционален хибрид кој цело време ја дополнува и ја празни батеријата за да понуди што е можно поефикасно возење, и тогаш можете да очекувате потрошувачка од околу 7 литри бензин на 100 изминати километри. Полнете ја батеријата редовно (патем, можете да нарачате и домашен брз полнач директно од Citroën) и можете да очекувате градска потрошувачка од околу 3 до 4 литри бензин на 100 изминати километри.

C5 X суверено, невознемирено минува преку нашите улици

И ваквиот погон совршено му одговара на C5 X. Барајќи ја врвната рафинираност, ја наоѓаме токму во возењето на струја. Комплетното отстуство на било какви вибрации кои би ги креирал мотор со внатрешно согорување резултира со комфор кој ако сакаме да го надминеме, ќе треба да бараме нешто германско, неколкукратно поскапо и чие име започнова со S.

Секако, тука свој удел има и Advanced Comfort суспензијата со прогресивни хидрауилични перничиња на Citroën, која кај плаг-ин хибридните верзии на C5 X е адаптивна. И покрај големите тркала, C5 X суверено, невознемирено минува преку нашите улици а во кабината не се пренесуваат никакви несакани вибрации и нерегуларности. Едноставно, се сместуваме во големата возачка фотелја и уживаме во возењето.

C5 X лесно се снаоѓа во градскиот метеж и покрај димензиите. Секако, маневрирањето го олеснуваат високата возачка позиција и големите стаклени површини, но и паркинг сензорите и задната паркинг-камера. На отворено, C5 X лебди над автопатот и успева да го достигне она „Волшебен Ќилим“ чувство кое го имаа старите седани на Citroën опремени со хидраулична суспензија.

Поврзано:  Новиот Citroën C3 пристигна во Македонија!

Управувањето е прецизно и супер лесно, а сите команди проаѓаат низ еден своевиден филтер кој ја елиминира секоја ситна несовршеност. Тоа го прави C5 X да е неприкосновено комфорен. Нема тука ништо вулгарно како „спортски амбиции“ или „динамично“ ова или она. Едноставно нема потреба од тоа.

Од неговата основа, C5 X е дизајниран и развиен да биде знаменосец на бренд кој сака да биде поинаков и да понуди вистинска алтернатива од успешните, но помалку здодевни, тевтонски автомобили и да му покаже на светот дека работите можат да бидат направени поинаку.

C5 X е самоуверен во она што е, и не се обидува да биде ништо друго.

Всушност, сето ова наметнува еден интересен заклучок – а тоа е дека C5 X е самоуверен во она што е, и не се обидува да биде ништо друго. Не се обидува да биде алтернатива на германските луксузни брендови, ниту пак да биде замена за било кој друг модел кој во моментов се нуди на пазарот. C5 X е засебен, уникатен автомобил кој ќе им биде привлечен на оние кои се доволно авангардни во животниот стил и не само што не се обидуваат да се вклопат во околината, туку се гордеат со своите гледишта и ставови. За оние кои ги поттиснуваат трендовите и ценат архитектура и уметност, добра храна и напреден дизајн. C5 X е токму за тие луѓе.

Спецификации

Модел: Citroën C5 X Hybrid 225 S&S ë-EAT8 SHINЕ
Погон: 1.6-литарски турбобензинец, 4 цилиндри
Батерија: 12.4 kWh
Моќност (МВС): 180 коњски сили / 6000 вртежи во минута
Вртежен Момент (МВС): 250 Nm / 1750 вртежи во минута
Моќност (Електромотор): 110 коњски сили
Вртежен Момент (Електромотор): 320 Nm
Системска Моќност: 225 коњски сили / 6000 вртежи во минута
Системски Вртежен Момент: 360 Nm / 1750 вртежи во минута
Менувач: Автоматски, 8 брзини
0-100 км/ч: 7.9 секунди
Максимална Брзина: 223 километри на час
Должина: 4805 mm
Ширина: 2062 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1485 mm (со кровни носачи)
Тежина: 1722 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2785 mm
Багажен Простор: 485 – 1580 литри
Потрошувачка: 3.6 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Citroën C5 X PureTech 130 S&S EAT8 FEEL – 34.490 Евра
Цена на тестираниот модел: Citroën C5 X Hybrid 225 S&S ë-EAT8 SHINE – 53.940 Евра
Повеќе Информации: Citroën.com.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.