Наследникот на Huayra не ги следи трендовите и (сега за сега) ја отфрла хибридизацијата, па и понатаму ќе го користи 6-литарскиот твин-турбо V12 со потекло од Mercedes-AMG.
Zonda го доби своето име по ветер, Huayra по бог на ветриштата. Името на Utopia е пофилозовско – „за филозофот Томас Мор во 1516, Utopia било место кое не постоело, и оттогаш името е давано на идеализирани места за кои сонуваме.“
Дизајнот на Utopia ги следи препознатливите визуелни особини на Pagani, со интерпретација која ја следи аеродинамиката и вниманието кон деталите по кои се познати автомобилите на Horacio Pagani. Од Pagani кажуваат дека илјадници часови се поминати во тестирање во аеро-тунели, а формата на Utopia овозможува креирање на потисна сила без вулгарни детали како спојлери и крила – аеро елементите се дискретно вградени во предниот и задниот дел и се скоро незабележливи.
И предниот и задниот дел евоцираат спомени на Zonda и Huayra а особено интересни ни се задните светла. Utopia е поставена на 21 инчни тркала напред, односно 22-инчни позади.
Инаку, зад возачот и совозачот е поставен 6-литарски твин-турбо V12 развиен во соработка со Mercedes-AMG, кој во оваа конфигурација испорачува 864 коњски сили при 6000 вртежи во минута и моќни 1100 Nm вртежен момент од 2800 до 5900 вртежи во минута. Силата ја пренесува кон задните тркала преку специјално-развиен менувач од X-Trac кој може да функционира како 7-степен мануелен менувач или пак како целосно-автоматизиран менувач.
А ако екстериерот на Utopia е екстравагантен, тогаш ентериерот е нешто сосем посебно. И тука Utopia ги избегнува трендовите и едноставно нема голем мултимедијален екран – има еден, помал екран пред возачот, поставен меѓу механичките индикатори за брзина и вртежи – но сите други контроли се освежително рачни и аналогни. Вниманието кон деталите е… Ненадминато – на пример, управувачот е изработен од едно единствено парче алуминиум, исто како и педалите. Видливиот механизам за менувачот е вистинско уметничко дело и заслужува да биде поставен на засебна изложба.
Инаку, ќе бидат произведени само 99 примероци. Сите се веќе распродадени – и тоа по цена од „само“ 2.5 милиони евра. Живо џабе.