Porsche Driving Experience повторно во Македонија, повторно со најновите модели на Porsche – од врескачкиот Cayman GTS па сè до незапирливиот Cayenne Turbo GT, Taycan Turbo S и неверојатниот 911 Turbo S!
Ден на Porsche – празник за очи, за уши и за срцето. Св. Високовртежен Порше Многуцилиндерски (или Електричен, може и така). Скоро целата гама на Porsche беше повторно кај нас, а ние имавме можност да бидеме дел од оваа прослава на автомобилизмот, спортските автомобили и историјата на германскиот производител.
Домаќините нè пречекаа во Porsche центарот во Скопје, каде по краткото запознавање со возилата и брифингот околу правилата на игра и безбедноста, заедно со нашите инструктори ја започнавме турата кон нашата финална дестинација.
Но како што обично велат, патувањето е поинтересно од целта – и токму така беше и оваа година. Тргнавме од Porsche Центарот, преку скопската обиколница кон новиот автопат кон Штип. На неколку места застанувавме набрзина да ги размениме впечатоците и да седнеме во друг автомобил, за уживањето да биде максимално и обемно.
Прво седнавме во Porsche Panamera Turbo S E-Hybrid – знаменосецот на Panamera гамата, со 700 коњски сили. Моќната Panamera е уверливa како во град, така и на автопат – но ова е Porsche, па перформансите и забрзувањето се неверојатни.
Од таму, одиме во новиот, електричен Porsche Taycan Cross Turismo, но во неговата врвна изведба со ознакатa Turbo S. Да да, во ред, овој електричен автомобил нема турбополнач, но перформансите се запрепастувачки – 100 километри на час за 2.9 секунди благодарение на 761 електрична коњска сила, како и автономија од околу 400 километри – ако сте внимателни, секако.
Од тука, време е за автомобилот кој е наменет за вистинско, чисто уживање во возењето – Cayman GTS 4.0! Porsche ги послуша фановите и го врати атмосферскиот мотор во Cayman и Boxster, но го добивме 4-литарскиот шест-цилиндерски боксер кој испорачува 400 коњски сили и „врти“ до скоро стратосферски 7800 вртежи во минута. Перформансите се импресивни, но вистискиот херој во оваа приказна е звукот – звукот е… Дрзок, во најмала рака.
И всушност, имавме среќа, па Cayman GTS и по него 911 GTS ги возевме по прекрасниот пат кој започнува некаде меѓу Штип и Радовиш, минува преку планински превој, проаѓа покрај армискиот тренинг-полигон Криволак и завршува кај Неготино. Планинскиот кривулест пат, обвиен во боите на преминот од лето кон есен беше вистинско уживање, а звуците кои ечеа низ планината оставаа без здив.
Од 911 GTS (кој патем, има 480 коњски сили и убедени сме дека е идеалниот избор кога станува збор за 911), одиме во Cayenne Coupe Turbo GT – најбрзиот SUV на планетата. Во реалноста, не постои начин еден голем, тежок SUV да е толку динамичен – но ете, Cayenne Coupe Turbo GT e. Забрзува до 100 километри на час за 3.3 секунди, но уште поимпресивно, влегува од свиок во свиок како да не е SUV, туку низок спортски автомобил.
Пристигнуваме во винаријата Лазар, каде електричните Taycan Turbo S и Taycan Cross Turismo Turbo S ги „вклучивме во штекер“, односно во полначите кои се дел од Porsche Destination Charging мрежата.
Тука имавме можност да се запознаеме и со новиот Cayenne Platinum Edition – специјална изведба на моќниот SUV на Porsche каде дополнителен акцент е даден на опременоста и луксузот. Тука беа и претставниците на Божиновски Часовници, кои ни ги презентираа часовниците на TAG Heuer и новиот специјален TAG Heuer Carrera Porsche Chronograph.
По паузата за ручек и дополнување на автомобилите, време е да тргнеме назад кон Скопје. Седнуваме во Panamera Grand Turismo GTS која благодарение на нејзините 480 коњски сили забрзува до 100 километри на час за 3.9 секунди, а потоа повторно во врескачкиот 718 Cayman GTS. Од таму, одиме во електричен Taycan, но овој пат во неговата „традиционална“ седанска изведба, но повторно во Turbo S варијанта. Перформансите на Taycan созадаваат зависност, а на критичарите на електричните возила можеме само да им порачаме – пробајте, па „хејтајте“.
Од „тивкиот“ Taycan одиме во гласниот Boxster GTS 4.0. Истиот мотор како кај Cayman GTS, но овој пат со отворен кров. Тука сè е навиено „до 11“ – звукот, ветерот, сонцето, перформансите… „Малиот“ модел на Porsche со централно-поставен мотор нуди вистинско, чисто, сирово уживање во возењето.
И конечно, така некако ни се погоди, седнуваме зад воланот на 911 Turbo S. Maximum Porsche. 3.8-литарскиот твин-турбо, шест-цилиндерски боксер испорачува 650 коњски сили кон сите четири тркала и овозможува забрзување до 100 километри на час за 2.7 секунди! Перформансите се… Неверојатни, сирови, брутални…
На секое притискање на педалата за гас, реакцијата на турбо-полначите е инстантна и чувствуваме како внатрешните органи интимно ни се запознаваат со седиштата. Интересно е чувството кога знаете дека скоро ништо на патиштата не е побрзо… Интересно, ослободувачко чувство.
Пристигнуваме во Скопје по еден цел, долг ден кој како да помина премногу брзо. Импресиите од ваквите автомобили не поминуваат брзо, туку остануваат засекогаш. Како што рековме, празник.