Новиот корпоративен идентитет на Skoda е подготвен за иднината и ја поврзува богатата историја на брендот со иднината на мобилноста.
Skoda го освежува и надградува својот бренд идентитет и го подигнува на сосем ново ниво, со најрадикалната промена во изминативе 30 години.
Името Skoda ќе добие уште поголемо присуство на сите платформи и дигиални комуникациски канали, додека крилестата стрела која со години е симбол на чешкиот бренд добива поедноставен, дводимензионален приказ – а со ова Skoda одговара на транзицијата кон сè подигиталната комуникација.
Под водство на одделот за Маркетинг во Skoda, вработени од целата компанија беа инволвирани во развој на новиот корпоративен идентитет, а преку 2200 луѓе од шест различни клучни пазари – Чешката Република, Германија, Индија, Израел, Италија и Норвешка – го дадоа својот придонес и помогнаа да се избере една од дури 165 понудени верзии на логото.
Истовремено, Skoda го претстави и новиот Vision 7S концепт кој е цврста најава за иднината во која ќе се движи чешкиот бренд. Vision 7S е дизајнерска студија за автомобил со седум седишта, развиен и дизајниран да понуди практична семејна мобилност, и истовремено најавува иден модел на Skoda.
Дизајнот на 7S комбинира робустност, функционалност и автентичност, додека ентериерот го дефинираат одржливи материјали и интераткивни површини. Благодарение на батеријата со капацитет од 89 kWh, Vision 7S може да помине повеќе од 600 километри со едно полнење.
Vision 7S е поголем од електричниот Enyaq и нуди иновативен шест-плус-еден распоред на седење – три реда по две седишта и седиште за бебе кое е централно-поставено на конзола која минува низ средината на целата кабина. Понатаму, забележуваме мултимедијален уред (со дијагонала од 14.6 инчи!) кој може да биде поставен вертикално или хоризонтално на средината на кокпитот преку кој се пристапува до контролите, а интересно и несекојдневно е изведен и управувачот – но не се знае дали ваквиот управувач ќе пристигне во сериско производство.
Сепак, детал кој ќе го пофалиме и ќе го истакнеме е недостатокот на пијано-црни пластики – во кабината се користени рециклирани материјали и матирани површини за да се издигне амбиентот. Одлична одлука!
Инаку, дизајнот е навистина интересен – на предниот дел конвенционалната маска на ладилникот е заменет со пластичен панел кој дизајнерите го нарекуваат Tech Deck бидејќи во него се поставени сензорите и камерите потребни за системите за асистенција. Околу него ги гледаме тенките LED дневни светла и главните светлосни елементи. Профилот е чист, со „отсечени“ линии кои визуелно го намалуваат габаритот на Vision 7S, а на задниот дел препознаваме тенки светлиосни елементи и интересни заштитни панели.