Чешкиот бренд продолжува да објавува скици и детали за новиот Vision 7S – новиот голем SUV ќе го воведе и новиот дизајнерски јазик на Škoda.
Кај новиот концепт на Škoda ќе дебитира новиот дизајнерски јазик на чешкиот бренд – кој ќе биде примарно препознатлив по доминантниот преден дел со широка и рамна предна маска. Светлосните елементи се исфрлени кон рабовите и добиваат LED дневни светла кои се над примарните светла и заеднички формираат светлосен потпис во форма на буквата Т.
Секако, практичноста доминира и кај Vision 7S – па врвната просторна понуда овозможува варијабилна кабина со простор за 7+1 патник. Во кабината доминираат високите технологии и минималистичкиот пристап кои најавуваат како би изгледале ентериерите на Škoda во иднина.
Инаку, скиците најавуваат дека ова ќе биде робустен SUV, со А и Б-столбови во црна боја и Ц-столб кој е во боја на каросеријата – а тоа пак нуди футуристички лик. На задниот дел повторно имаме светлосни елементи во форма на буквата Т.
Новиот концепт на Škoda ќе биде објавен на 30-ти Август. Сега за сега нема потврда дали ќе резултира со сериски модел, но според димензиите и практичноста – очекуваме ако ништо друго, да биде интересна најава за наследникот на супер-успешниот Kodiaq.