Новиот кабриолет е базиран на Turbo Study автомобилот на Singer, кој пак е базиран на Porsche 911 со внатрешната ознака 930 – а автомобилот е наменет за еден среќен (и најверојатно многу богат) клиент.
Каросеријата е целосно преработена од карбон и внимателно доработена и преработена за да се подобри како од естетски, така и од аспект на перформансите. Автомобилот е полесен и поцврст и целиот е префарбан во Cadiz Red црвена боја.
Срцето на Singer 930 Turbo Cabriolet е добро-познатиот шест-цилиндерски „Mezger“ боксер кој е доработен да има капацитет од 3.8 литри, а вградени се два турбополначи со специјални интеркулери и ладење, за моторот да испорачува моќни 517 коњски сили, кои пак ги пренесува кон задните тркала преку 6-степен мануелен менувач.
Секако, Singer соработува директно со купувачите за секој примерок да е прилагоден во согланост на потребите на секој индивидуален клиент – од боја и материјали, преку суспензија, па сè до сопирачките и конфигурацијата на моторот.
3.8-литарскиот боксер може да биде конфигуриран во неколку различни режими – ако купувачот сака, може да биде „детјуниран“ на „само“ 450 коњски сили, но притоа силата да ја испорачува порамномерно и да биде покомфорен и полесен за управување и користење на улица. Дополнително, доколку клиентите сакаат, можат да добијат и погон на сите четири тркала.