ТЕСТ: Opel Astra 1.5D 130 AT8 Ultimate – Убедлив стремеж кон врвот на сегментот – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Opel Astra 1.5D 130 AT8 Ultimate – Убедлив стремеж кон врвот на сегментот

Astra е исклучително важен модел за Opel – долгата историја и верните купувачи наметнуваат дека германскиот бренд едноставно мора да ѝ посвети многу, многу внимание. Па каква е всушност новата Astra?

Пред околу еден месец бевме во Риселсхајм да ја возиме новата Astra ST, па впечатоците од современиот караван ни се сè уште свежи. Сега сме зад управувачот на „конвенционалната“ Astra во хечбек изведба – токму онаа која ќе биде најпродавана кај нас – и време е одново да се запознаеме.

Новата Astra е нова-нова – нема тука ништо старо.

Дискусијата ќе ја започнеме со фактот дека новатa Astra е навистина нова. Ако Corsa и Mokka ја започнаа миграцијата од старите GM модели кон новите модели поставени на технологии од PSA и Stellantis, таа миграција кулминира токму со Astra. Новиот германски хечбек е поставен на EMP2 платформата која ја дели со Peugeot 308, добива цела лепеза на нови, супер-модерни и супер-напредни технологии, гама на погонски опции и дизајн кој едноставно нема да Ве остави да ја игнорирате. Тука нема ништо старо.

Astra изгледа самоуверено, наметливо и современо.

Имајќи го тоа предвид, ајде да зборуваме за дизајнот. Поставена до минатите генерации на Astra, новата изгледа наметливо и современо. Онаму каде минатите генерации беа малку конзервативни и внимателни во пристапот, новата Astra е храбра и наметлива. Фановите на Opel и особено оние на Astra веднаш ги препознаваат деталите од Manta и од старите генерации на Kadett, а генерациската еволуција е очигледна – но очигледно е и дека дизајнерите на најновата Astra направиле вистински храбар и голем чекор нанапред.

На предниот дел доминира големата Vizor предна маска (која веќе ја знаеме од Mokka и големиот Grandland), но тука некако највеќе ни се допаѓа – пропорциите се најпогодени. Под неа е поставен предниот браник со ниска „брада“ и широки отвори за воздух.

Профилот е чист, со јасни линии и издвоен Ц-столб кој е во боја на каросеријата (а кровот е црн), а целата приказна завршува со широкиот заден дел и теееееенките и широки задни светлосни елементи.

Сите линии се остри и чисти, без непотребни додатоци. Дизајнерските трикови како високо-поставената карактерна линија и ниско-поставените рачки прават Astra да изгледа подинамично и пониско, а исфрлените предни и задни крила ѝ даваат понизок и поспортски став.

Поврзано:  Opel Mokka беше дел од Skopje Coffee Festival

Мораме да кажеме дека дизајнот на новата Astra е полн погодок – изгледа модерно и современо, без непотребни „шминки“ кои само ќе го застарат дизајнот за неколку години. Плус, ќе ја истакнеме и фантастичната Kult Yellow боја на нашиот тестен автомобил – која е без доплата. Па срамота би било да се одбере бела или црна боја, нели?

Кабината е комфорна и прегледна, и многу внимание е посветено на деталите

Ја отвораме вратата и нѐ пречекува модерна кабина. Погледот природно оди кон управувачот и дигиталните инструменти, а потоа и кон фантастичните седишта кај нашиот Ultimate модел. Се сместуваме во седиштата кои нудат одлична странична поддршка (и имаат AGR сертификат за правилно држење на грбот) и веднаш ни станува јасно дека Astra ја потенцира својата динамичност, дури и пред воопшто да возиме.

Пред возачот е поставен дигитален панел со инструменти каде се покажуваат најважните информации околу возењето, а над него е големиот Head-Up дисплеј кој е во боја и супер-детален – и се позиционира преку контролите за страничните ретровизори. Толку едноставно и генијално!

На централната конзола е поставен мултимедијалниот уред со навигација и – уште поважно – безжично Android Auto и Apple Carplay поврзување. Под него се кратенките до најкорисните функционалности, но и физичките контроли за најважните елементи – радиото и климатизацијата. Ја поздравуваме одлуката на Opel да не ги „закопа“ овие контроли во милион менија и подменија на мултимедијалниот уред.

На централниот гребен се поставени селекторот за автоматскиот менувач и режимот на возење, а во целата централна конзола има неколку големи прегради за одлагање ситници (кои мораме да напоменеме, целосно се затвораат, и ова го потенцираме како убава работа!), како и безжичен полнач за мобилен телефон.

Седењето е комфорно и прегледно и сите контроли се на дофат и онаму каде би очекувале да бидат. Околу возачот и совозачот има и многу прегради за одлагање ситници, а комбинцијата од материјали и текстури е навистина многу добра. Забелешки? Едноставно не сме фанови на пијано-црната пластика која е трендовска кај автомобилите денес – премногу привлекува прашина, а и лесно се оставаат отпечатоци од прсти, и имаме ситни забелешки на некои од пластиките во кабината. Но навистина – тоа се ситни забелешки.

Од друга страна, повеќе од комфорно е и на задната клупа. Ќе имате сосем доволно простор на задната клупа освен ако не седнете зад „двометраш“, а просторот за главите на патниците на задната клупа е адекватен. На задната клупа комфорно ќе се сместат двајца патници, по потреба и тројца – но не би го препорачале тоа доколку патувате кон подалечни дестинации.

Поврзано:  Opel ја освежи Mokka - добива нов знак, нови светла, нови бои и освежен ентериер

Она кое дефинитивно ќе го пофалиме е звучната изолација во кабината. Инженерите на Opel „згреале столче“ и направиле сѐ што можат за возењето во Astra да е тивко и комфорно. Вратите се затвораат со задоволувачки придушен звук, а на автопатски брзини во кабината лесно се разговара.

Конечно, набрзина малку и за багажниот простор. Astra нуди багажник со капацитет од 422 литри, кои растат до одлични 1339 литри со преклопена задна клупа. Багажникот е со двојно дно, па можете да одберете меѓу понизок раб и полесно внесување поголеми предмети, или пак подлабоко дно, но зголемен капацитет. Формата на петтата врата е правилна а отворот е голем – па внесување и поголеми предмети не би требало да претставува никаков проблем.

Одлична во град, низ свиоци и на отворен пат

Океј, ајде малку за возачкото искуство. Astra лесно ги совладува предизвиците на урбаниот метеж – прегледноста е задоволителна а маневрирањето и паркирањето го олеснуваат сензорите и 360-степенската камера. Суспензијата одлично ги впива и филтрира несаканите вибрации од нерамниот асфалт и покрај големите, 18-инчни тркала – без притоа да биде премека.

На подинамичен пат, импресионира подготвеноста на Astra да совладува свиоци – лесно и подготвено ја менува насоката на движење, а со префрлање на режимот на возење во Sport се добива уште подобра реакција на притискање на педалата за гас.

Истовремено, Astra успева да остане неутрална во скоро сите ситуации, без пренагласена наклонетост кон подуправување. Самото управување не е премногу комуникативно, но затоа е доволно брзо и прецизно за да овозможи верно следење на командите од возачот.

На отворен пат Astra се однесува смирено и достоинствено и лесно „голта“ километри. Возењето го олеснува и адаптивниот темпомат кој самиот ја намалува или ја зголемува брзината (до максималата која ќе ја одредите) па минувањето километри „на отворено“ е комфорно и пријатно.

Економичен 1.5-литарски турбодизел со 130 коњски сили

Конечно, малку и за моторот. Нашиот тестен модел дојде со 1.5-литарскиот четири-цилиндерски турбодизел кој испорачува 130 коњски сили при 3750 вртежи во минута и 300 Nm вртежен момент од 1750 вртежи во минута. Силата ја испорачува кон предните тркала преку 8-брзински EAT8 автоматски менувач и овозможува 100 километри на час за 10.6 секунди, односно максимални 209 километри на час.

Поврзано:  ВОЗЕВМЕ: Opel Grandland Electric и Hybrid - Прв контакт со новиот знаменосец на SUV-гамата на Opel.

Докажаниот турбодизел работи прилично рафинирано и највеќе му прилега опуштено возење, што пак резултира со навистина импресивна потрошувачка. Во градски услови измеривме просечна потрошувачка која едвај надмина 6 литри на 100 километри, додека на отворен пат при брзина од 120 километри на час измеривме просечна потрошувачка од 4.7 литри на 100 километри – и сето тоа при тропски температури и со вклучен клима-уред, секако.

Ултимативно-опремена!

На самиот крај, малку за опремата и безбедноста. Нашата Astra дојде во врвното Ultimate ниво на опрема – а тоа значи IntelliLux LED предни светла, AGR седишта (со загревање!), повеќезонски клима-уред, грст камери и сензори, сончев кров, кожен управувач (повторно, со загревање!), автоматски светла и многу, многу повеќе. Секако, тука се и системите за активна и пасивна безбедност кои Opel ги има во својата гама, како и целата лепеза на воздушни перничиња.

За автомобил да успее во овој сегмент, мора да е навистина одличен.

Како што рековме, новата Astra е навистина нова – нова платформа, нови мотори, нови технологии, нов дизајн. Сегментот во кој се натпреварува Astra има силни конкуренти – како од Германија, така и од остатокот од светот – па за автомобил да успее во овој сегмент мора да биде навистина, навистина одличен. А новата Astra е токму тоа – навистина, навистина одлична.

Спецификации

Модел: Opel Astra 1.5D 130 AT8 Ultimate
Мотор: 1.5-литарски турбодизел, 4 цилиндри
Моќност: 130 коњски сили / 3750 вртежи во минута
Вртежен Момент: 300 Nm / 1750 вртежи во минута
Менувач: Автоматски, 8 брзини
0-100 км/ч: 10.6 секунди
Максимална Брзина: 209 километри на час
Должина: 4374 mm
Ширина: 2062 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1441 mm
Тежина: 1363 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2675 mm
Багажен Простор: 422 – 1339 литри
Потрошувачка: 6.3 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Opel Astra 1.2T 100 Edition  – 21.700 Евра
Цена на тестираниот модел: Opel Astra 1.5D 130 AT8 Ultimate – 32.660 Евра
Повеќе Информации: Opel.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.