ВОЗЕВМЕ: Зад управувачот на новата Astra Sports Tourer во Rüsselsheim, домот на Opel. – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ВОЗЕВМЕ: Зад управувачот на новата Astra Sports Tourer во Rüsselsheim, домот на Opel.

На покана на Opel и Еуроимпекс го посетивме домот на германскиот бренд и седнавме зад управувачот на новата Astra Sports Tourer – која имавме можност да ја возиме во бензинско, дизелско и хибридно издание!

Сакале ние тоа да го признаеме или не, одлуката да се понуди караван на пазарот е некако… Храбра. Зошто? Па погледнете надвор и што ќе видите? Едноставно доминираат големите, високи и територијални SUV модели. Желбата да се „зрачи“ со „активен животен стил“ и сличните маркетингшки клишеа наметнаа тотална SUV доминација која полека но сигурно (и прилично убедливо) ги истиснува останатите сегменти. Па караван? Во денешно време? Храбро, храбро.

Но караваните си имаат свои лојални купувачи. Во ред, во Македонија можеби и нема толку, но ширум Европа караваните имаат значителен пазарен удел. И токму тоа нè носи до Риселсхајм. По долготрајниот ковид-наметнат сон, светот како да се буди. Да, одиме од една криза во друга, но тоа не значи дека светот застанува – новите модели пристигнуваат, барајќи го своето место под сонцето, односно своите купувачи – а Opel со новата Astra е подготвен за борба.

Но Opel има дооолга традиција со каравани. Секоја генерација на Astra имала караванска изведба, а дури и претходните автомобили на Opel имале своја попрактична варијанта. Всушност, терминот „караван“ доаѓа од Opel – и тоа од Opel Rekord Caravan од далееееечната 1962-ра година.

Opel се гордее со своите каравани, и токму затоа започнуваме со една брзинска лекција по историја со цела гама на каравани наредени пред седиштето на Opel во Rüsselsheim.

Но време е да возиме. Ова е всушност наше прво седнување зад управувачот на новата Astra, во било која форма. Иако најновата генерација неодамна ја имаше својата македонска премиера, сè уште не ни „паднала во раце“ – но ова не е воопшто лош начин за добивање прв впечаток.

Првиот впечаток на новата Astra е доминантен.

А првиот впечаток на новата Astra е – доминантен. Уште кога го видовме хечбекот за прв пат ни се допадна – острите, чисти линии гордо кажуваат дека Astra многу добро знае што е и што може да понуди, и нема потреба да привлекува купувачи со лажни ветувања и „види-ме-види-ме“ квази-трендовски дизајнерски детали.

На предниот дел вниманието оди кон Vizor предната маска (која во нашите очи изгледа уште подобро без хромираниот прстен околу неа), како и големите, широки и ниски отвори за воздух.

Профилот кај караванот е издолжен но низок и наметнува интересен, низок и притаен – дури би рекле ајкулест – став. На задниот дел вниманието оди кон тенките хоризонтални светлосни групи, а кај карава.. извинете, Sports Tourer регистерската табличка е поставена меѓу задните светла а не во задниот браник како кај хечбекот. Дизајнерите на Opel кажуваат дека ова е за да се понуди понизок раб за внесување на товар во багажникот, но нам и подобро ни изгледа.

Сликата за современ Sports Tourer ја комплетира кровот во црна боја кој можете да го нарачате, а има и еден куп можности за персонализација – од дополнителна опрема, па до елементи во тркалата во контрастни бои. Секако, тука веќе зборуваме за вкусови, но Opel очигледно ги разбира купувачите кои сакаат својот автомобил да биде апсолутно свој.

Поврзано:  Opel ја освежи Mokka - добива нов знак, нови светла, нови бои и освежен ентериер

Она што е интересно (и што сведочи многу за посветеноста на инженерите на Opel) е дека конвенционалната Astra и Astra ST делат многу компоненти – исти се дури и задните врати! Вистинските разлики започнуваат токму во задниот дел, кој е подолг за да го понуди она кое е навистина важно кај еден караван – многу, многу багажен простор.

Голем и практичен багажник.

Багажен простор? Како ви звучат скоро 600 литри со исправени задни седишта, односно дури 1553 литри кога ќе ја преклопите задната клупа? Дури и плаг-ин хибридот нуди импресивна просторност, со 516 односно 1553 литри. Задната клупа е деллива во однос 40/20/40 за врвна модуларност, а целиот простор е во правилна форма за лесно сместување и поголеми предмети.

Кај бензинците и дизелот може да се нарача и Intellispace системот за модуларен лажен под, во кој секогаш ќе има место и за преградата која обично е над багажниот простор, како и за одлагање многу различни дребулии и ситници. Практичноста на прво место!

Модерна, хај-тек кабина со врвна ергономија.

Инаку, кабината е иста како кај Astra хечбек – а тоа значи супер-модерен кокпит со два големи дигитални дисплеи и (благодарни сме за ова) физички контроли за многу функционалости. Кабината е практична, со многу места за одлагање дребулии и многу простор како на предните седишта, така и на задната клупа.

Нашата забелешка оди највеќе кон Piano Black декоративните пластики кои едноставно не би требало да ги има во ниту еден автомобил – од една страна се магнет за отпечатоци од прсти, од друга страна се гледа секое зрно прашина.

Поврзано:  ТЕСТ: Opel Corsa 1.2 Hybrid eDCT6 Edition - Надградена и помодерна Corsa

Но затоа добиваме супер-комфорни седишта (кои се AGR сертифицирани), импресивни материјали (за сегментот) и ергономија на која немаме никакви особени забелешки. Лесно се снајдовме во Astra и лесно ги најдовме сите контроли и сите информации кои ни беа потребни.

На задната клупа има доволно место и за повисоки патници, дури и за тројца ако е потребно. Сепак, иако Astra ST има нијанса подолго меѓуоскино растојание во однос на регуларната Astra, тој простор е посветен на багажникот.

Зад управувачот на новата Astra ST.

А каква е Astra зад управувачот? Накратко – самоуверена и компетентна. Управувањето е директно и прецизно (но без премногу повратни информации од управувачот) а без разлика на одбраниот погон, Astra реагира подготвено на секое пристискање на педалата за гас. Од свиок во свиок, нема нагласено подуправување ниту надуправување, а Astrа ST успешно ја контролира својата тежина.

Суспензијата е германски-цврста – а тоа значи дека успешно го контролира навалувањето во свиоци, без притоа да пренесе несакани вибрации во кабината. Управувањето верно ги следи инструкциите, па дури и при подинамично возење Astra се префрла од свиок во свиок со исклучителен ентузијазам.

Бензин, дизел или плаг-ин хибрид – одберете сами!

Се движиме низ тивките населени места околу Rüsselsheim, а локалното население гордо гледа кон новата Astra ST. Ја гледаат како своја, локална. Во еден момент додека фотографиравме во едно од овие местенца и локалниот мачор (кој одлучивме дека се вика Ханс) заинтересирано ни се придружи, како да сака да ни „сврти муабет“ околу новата Astra.

Прво ќе зборуваме за 1.2-литарскиот турбо-бензинец со 130 коњски сили и 230 Nm вртежен момент – кој се покажа како изненадувачки агилен. Во комбинација со 8-брзински автоматски менувач се покажа како способен кростосувач. Официјалните податоци говорат за забрзување до 100 километри на час за 9.9 секунди, како и максимални 210 километри на час. На хартија, ова и не е толку брзо, но вака конфигурираната Astra ST понуди идеален баланс меѓу перформансите и потрошувачката.

Кога сме кај потрошувачката – тука е 1.5-литарскиот CDTi турбодизел кој испорачува идентични 130 коњски сили, но 300 Nm вртежен момент. Забрзувањето до 100 километри трае 10.8 секунди а максималната брзина е 209 километри на час. Она што изненадува е дека при конзистентно и цивилизирано возење, разликата во потрошувачка меѓу турбо-бензинецот и турбодизелот беше скоро занемарлива – односно помалку од 1 литар гориво на 100 километри.

Поврзано:  ТЕСТ: Opel Corsa 1.2 Hybrid eDCT6 Edition - Надградена и помодерна Corsa

И сега доаѓаме до плаг-ин хибридната Astra Sports Tourer со 180 коњски сили. Сега за сега, оваа верзија е врв на понудата и комбинира 1.6-литарски турбо-бензинец кој испорачува 150 коњски сили при 6000 вртежи во минута и 250 Nm вртежен момент при 1750 вртежи во минута, со литиум-јонска батерија со капацитет од 12.4 kWh и електромотор кој испорачува дополнителни 110 коњски сили и 320 Nm. Вкупната моќност е 180 коњски сили и 360 Nm вртежен момент.

Благодарение на батеријата, можете да очекувате автономија на електрична енергија од околу 50 километри, а и перформансите не се за занемарување – 100 километри на час пристигнуваат за 7.7 секунди, додека максималната брзина е 225 километри на час. Да, сигурни сме дека плаг-ин хибридната Astra ST ќе биде значително поскапа, но сепак токму оваа верзија ќе ја добие нашата препорака.

Во рамките на презентацијата на Astra ST, имавме и кратка но интересна можност да ја посетиме и фабриката во Russelsheim каде се произведува новата Astra. За жал, немаме фотографии бидејќи фотографирањето во рамките на фабриката е строго-забрането, но имавме можност и самите да го разгледаме производниот процес и да ги запознаеме мерките за контрола на квалитет кои Opel ги има воведено изминатите неколку години.

Opel ги враќа караваните во мода!

И на самиот крај, какви се нашите први впечатоци од новата Astra, но особено од Astra ST? Со оглед на тоа дека мислењето не ни беше под влиајние од претходен контакт со новата Astra, ќе кажеме дека новата Astra ST е вистински компептентен, современ и модерен караван, каде внимание е посветено на деталите кои се навистина важни за купувачите на ваквите автомобили.

Ниската силуета и чистите линии гарантираат дека Astra ST ќе го привлече вниманието на купувачите, а комфорната, тивка и технолошки-напредна кабина ветува лесно и комфорно патување. Opel ги враќа караваните во мода!

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.