Volkswagen започнува со изградба на првата од шест фабрики за батерии – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Volkswagen започнува со изградба на првата од шест фабрики за батерии

Минатата седмица Volkswagen ја започна изградбата на првата фабрика за батерии од вкупно шест. Фабриката се наоѓа во Салцгитер, Германија, а Volkswagen сака двојно да ги намали трошоците за изработка на батериите.

Според најавеното, Volkswagen ќе инвестира дури 20 милијарди Евра до 2030 во фабриките за батерии – и сака преку нив да стане светски лидер за електрични возила. Новата компанија се вика PowerCo и ќе биде задолжена за глобалното производство на батерии на Volkswagen. Компанијата ќе управува со целиот процес – од сурови материјали до рециклирање, а преку фабриката во Салцгитер и уште пет други кои се планираат за Европа, Volkswagen очекува дека трошоците ќе се намалат на половина.

Производството на батериски ќелии во Салцгитер ќе започне во 2025, а истовремено во фабриката ќе биде поставен и стандардизиран модел за производство кој ќе се користи и во останатите фабрики. Втората фабрика ќе биде во Валенсија, а останатите четири локации ширум Европа уште не се познати. Интересно е што PowerCo размислува за проширување на моделот на производство на батериите и во Северна Америка.

Очекувањата се дека само фабриката во Салцгитер ќе може да опслужи околу 500.000 електрични возила, а вкупно во фабриките во Европа ќе бидат произведени батерии за околу 3 милиони електрични возила. Според најавеното, во фабриките ќе работат вкупно околу 20.000 луѓе, а PowerCo ќе се занимава и со развој на решенија за складирање на електрична енергија за електричната мрежа.

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.