Најновата генерација на градскиот автомобил на Toyota од една страна ја следи формулата за мал автомобил, а од друга страна прави неколку навистина големи промени. Па каков е всушност малиот џин на Toyota?
Автомобилската индустрија проаѓа низ прилично сериозна трансформација, и тоа во повеќе различни насоки – од една страна имаме тренд на сè поголеми автомобили, од друга страна имаме скоро целосно пренасочување кон кросовер и SUV модели, и секако – тука е и електрификацијата.
А особено во урбаните средини, малите автомобили се многу пологични. Помал автомобил значи полесен автомобил, што пак значи пониска потрошувачка, полесно маневрирање, полесно паркирање, пониски трошоци… Но и самите сме сведоци дека изминативе неколку години купувачите избегаа од малите градски автомобили и како да се префрлија во користени возила од луксузни брендови со претпоставен број на километри и целосно непозната сервисна историја.
Добро, па зошто тогаш зборуваме за Aygo X? Затоа што мислиме дека Toyota успеа во вистински момент да понуди вистински продукт. Зошто? Ајде вака..
Не е „Ајго Икс“ туку е „Ајго Крос“
Прво, Aygo X не се изговара „Ајго Икс“, туку се изговара „Ајго Крос“. Да, и ние сме збунети, особено покрај Yaris Cross (нашиот тест тука) и Corolla Cross (која наскоро треба да пристигне).
А мислиме дека Toyota го има вистинскиот продукт во вистинско време затоа што успева да ги следи оние трендовите за кои зборувавме, и притоа да понуди интересно и несекојдневно решение. Aygo X е кросовер. Да, да, ќе речете „уште еден кросовер“ – но Aygo X е и многу повеќе од тоа.
Купувачите сакаат кросовери, а производителите им ги нудат. Во комбинација со несекојдневниот, храбар дизајн, Aygo X е забележлив и интересен – за време на неколкудневното дружење, неколку случајни минувачи нè застанаа на улица и нè прашаа „што е ова?“.
Ни се допаѓа како изгледа Aygo X!
На предниот дел вниманието највеќе го привлекуваат големите светлосни групи со интегрирани дневни светла, како и големата решетка во долниот дел од предниот браник. Околу целиот автомобил има црни заштитни панели кои само го зајакнуваат впечатокот на кросовер, а ни се допаѓаат и големите, 18-инчни тркала.
Ни се допаѓа и начинот на кој е изведена двобојната комбинација на каросеријата – задниот дел на Aygo X е во црна боја, а црн е и кровот па сето тоа изгледа изненадувачки модерно. Има уште еден автомобил кој прави нешто слично, и ако помисливте на Bugatti Veyron, апсолутно сте во право!
Во црниот заден дел се интегрирани и задните светла, па сето тоа изгледа изненадувачки кохезивно и привлечно. Особено интересен детал е таканаречениот Double-Bubble кров кој потсеќа на тркачки автомобили. Океј, Aygo Cross е прилично далеку од тркачки автомобил, но ваквиот кров му дава интересна форма. Ни се допаѓа како изгледа Aygo X!
Изненадувачки просторна кабина – иако е мал автомобил, кабината ни од далеку не е претесна.
Одиме внатре. Ја отвораме вратата и нè пречекува разигран ентериер. Тука огромен удел имаат и акцентите кои можат да бидат нарачани во различни бои, и кои дефинитивно ја разигруваат кабината на Aygo X.
Се сместуваме во комфорното возачко седиште и веднаш ни е јасно дека иако Aygo X е мал автомобил, во кабината (барем на предните седишта) има навистина многу простор. Пред возачот се поставени инструменти кои се делумно аналогни и делумно дигитални, додека на централната конзола во голема овална рамка е поставен мултимедијалниот уред.
Очигледно е дека Toyota сака да привлече помлади купувачи – покрај тоа што овозможува безжично Android Auto и Apple CarPlay поврзување, мултимедијалниот уред на Aygo X има можност и за безжично добивање информации од „облакот“ и информации околу навигацијата во реално време. Навигацијата ќе ви даде информации за блиски паркинг места, за блиски бензински станици и ќе ве информира за метеж и рути кои би требало да ги избегнете. Корисно, особено во градскиот метеж!
Инаку, кабината е комфорно и пријатно место за минување километри. Седиштата нудат одлична поддршка, а прегледноста е задоволителна. Малку е компромитирана прегледноста кон задниот дел, но тука е паркинг камерата која асистира при паркирање (која е со изненадувачки ниска резолуција). Дополнително, Aygo X успешно го изведува оној трик со интересно обоени и текстурирани материјали – па иако во кабината преовладуваат пластики, сепак не се чувствува евтино и неквалитетно.
На задните седишта е прилично тесно, но тоа и не е воопшто изненадувачки за градски автомобил во кој обично ќе се вози или само возачот, или ќе има можеби уште еден патник. Сепак, за пократки релации, на задните седишта ќе се сместат двајца возрасни патници. Од друга страна, навистина немаме забелешки за опремата – врвното Envy ниво на опрема доаѓа со седишта делумно обвиени во кожа, споменатиот мултимедијален уред, дури и греење на предните седишта!
Конечно, малку и за багажниот простор. Aygo X има поголем багажник за дури 63 литри во однос на минатата генерација и сега нуди одлични 231 литар. Преклопете ги седиштата и ќе добиете импресивни 829 литри.
Мал 1-литарски бензинец и CVT автоматски менувач.
Да зборуваме за платформата и за моторот. Aygo X е поставен на TNGA GA-B платформата, која всушност ја дели со поголемите Yaris (нашиот тест тука) и Yaris Cross. Сепак, Aygo X не е достапен со хибриден погон, барем сега за сега. Според официјалните изјави од Toyota, вградување на хибриден погон во Aygo X би го направило рестриктивно скап, а малиот 1-литарски атмосферски бензинец е веќе доволно ефикасен.
Да, Aygo X може да се добие само со 1-литарски атмосферски бензинец со три цилиндри. Малиот мотор испорачува 72 коњски сили при 6000 вртежи во минута и 93 Nm вртежен момент достапни од 4400 вртежи во минута. Силата (во нашиот случај) ја пренесува кон предните тркала преку CVT менувач, а достапен е и 5-степен мануелен менувач.
Резултат од сето ова? Забрзување до 100 километри на час кое трае не-баш-супер-кратки 15.5 секунди, како и максимална брзина од 151 километар на час. Но тоа воопшто не е важно – Aygo X без никаков проблем го следи градското темпо на сообраќај, а притоа е изненадувачки штедлив – за време на тестирањето измеривме градска потрошувачка од околу 6.5 литри бензин на 100 изминати километри. Моторот работи со оној карактеристичен, препознатлив звук кој го имаат моторите со три цилиндри, а неговата суптилна нерамномерност само додава на шармот.
Инаку, Aygo X е на свое на градските улици. И покрај прилично големите тркала, суспензијата успева да ги впие нерамнините од нашите не-баш-совршени улици. Управувањето е директно и прецизно, но како што рековме, Aygo X не е спортски автомобил – Aygo X е градски мал џин. Ако имаме некаква забелешка, тоа најверојатно би било во насока на недостатокот на звучна изолација. Во градски услови и при градски брзини тоа и не е некаков проблем – но на отворено, при брзини од 120-130 километри на час во кабината станува нијанса побучно од тоа што би сакале.
Секако, Aygo X ги добива сите системи од Toyota Safety Sense 2 пакетот, како и грст воздушни перничиња. Ќе добиете систем за препознавање возила, систем за препознавање пешаци и велосипедисти, систем за следење на коловозната лента, адаптивен темпомат…
Новиот Aygo X е градски мал џин!
Мал џин. Aygo X е навистина градски мал џин. Доволно мал да биде супер-практичен во град, а истовремено доволно голем да биде корисен урбан транспортер, без притоа да се направи некаков компромис во однос на опремата и технологиите кои се нудат. Комбинацијата од привлечен кросоверски дизајн, докажан јапонски квалитет (и Aygo X ја добива 10-годишната гаранција на Toyota), исклучителна практичност и ефикасен мотор го носи Aygo X кон самиот врв во класата. Мал џин!
Спецификации
Модел: | Toyota Aygo 1.0 72 CVT Envy |
Мотор: | 1-литарски атмосферски бензинец, 3 цилиндри |
Моќност: | 72 коњски сили / 6000 вртежи во минута |
Вртежен Момент: | 93 Nm / 4000 вртежи во минута |
Менувач: | Автоматски бесстепен CVT |
0-100 км/ч: | 15.5 секунди |
Максимална Брзина: | 151 километри на час |
Должина: | 3700 mm |
Ширина: | 1740 mm (без странични ретровизори) |
Висина: | 1525 mm |
Тежина: | 940 kg |
Меѓуоскино Растојание: | 2430 mm |
Багажен Простор: | 231 – 829 литри |
Потрошувачка: | 6.5 литри на 100 километри (измерена, градска) |
Цена на основниот модел: | Toyota Aygo X 1.0 5MT Joy – 13.490 Евра |
Цена на тестираниот модел: | Toyota Aygo X 1.0 CVT Envy – 18.690 Евра |
Повеќе Информации: | Toyota.com.mk |