Малиот C3 е особено важен модел за Citroën – и тоа на сите пазари на кои се продава. Не само што е бестселер ширум светот, туку е и еден од најпродаваните автомобили кај нас, па затоа ја искористивме шансата подобро да го погледнеме освежениот градски хечбек.
Со освежувањето на C3, Citroën одлучи уште посилно да притисне на атрибутите на својот најпопуларен модел. Водени од докажаниот „ако не е расипано, не го поправај“ пристап, инженерите и дизајнерите на Citroën не направиле драстични измени – туку едноставно го освежиле супер-популарниот C3 и на купувачите им понудиле уште повеќе од она кое го сакаат – а тоа е одличен градски автомобил кој нуди многу можности за персонализација – и сето тоа по прифатлива цена.
Дискретни естетски корекции – доволни за C3 и понатаму да биде свеж и интересен
Естетските корекции не се екстензивни, но се доволни да го одржат C3 свеж и интересен. Најголемиот естетски зафат е на предниот дел, каде препознаваме инспирација од концептот CXperience на Citroën – а сето тоа е во согласност со поновите и поголеми модели на брендот. Освежениот C3 добива нов декоративен елемент на предниот дел, нови LED светлосни групи како и хромирани детали кои се протегнуваат сè до LED дневните светла. Ако кажете дека сето ова асоцира на новиот Citroën C4 – нема да згрешите!
Понатаму, препознаваме дискретно редизајнирани декоративни елементи околу светлата за магла, како и редизајнирани странични Airbump перничиња. Airbump перничињата најдоа свои критичари – но нам ни се допаѓаат. Не само што изгледаат многу добро, туку се и навистина практични – и вистински „спас“ од невнимателните возачи по набиените паркинзи.
Инаку, на C3 и понатаму преовладуваат меки и смирени линии кои успешно пренесуваат дека ова е автомобил во кој треба да заборавите на нервозата и стресот и да се препуштите на позитивните мисли и веселото возачко искуство. Секако, тука во прилог одат и многуте можности за персонализација – ако Citroen C3 порано можеше да се конфигурира во 36 различни изведби на надворешноста, сега се достапни дури 97 комбинации на надворешноста, 4 различни бои на кровот, три пакети за персонализација на кабината како и нови тркала со дијаметар до 17 инчи.
Пријателска кабина и можеби најкомфорните седишта во сегментот
Ја отвораме возачката врата и одиме внатре. На прв поглед – измени скоро и да нема. Но повторно, освежувањата покажуваат дека треба да погледнеме малку подлабоко.
Најважниот новитет се супер-комфорните Advanced Comfort седишта – Citroën едноставно сака да уживате во возењето, а ваквите седишта во кои е вградена специјална пена едноставно гарантираат комфор кој е врвен во класата. Материјалите во кабината се во рамките на она кое го очекуваме во сегментот – преовладуваат цврсти пластики, но по желба можете да го оплемените ентериерот со еден од многуте пакети за персонализација.
Инаку – кабината на C3 и понатаму е просторна и комфорна. Возачот и совозачот ќе уживаат во многу простор, одлична прегледност и практичност која е за поздравување. На задната клупа комфорно ќе се сместат двајца патници. Да, има простор и за тројца – но тоа не би го препорачале кон подалечни дестинации. Некои од конкурентите го престигнаа C3 кога станува збор за багажниот простор, но малиот французин сè уште е еден од рекордерите во класата – неговиот багажник нуди капацитет од одлични 300 литри.
Комфорот пред сè
Вистинските таленти на C3 се препознаваат во градскиот метеж. C3 е едноставно лесен за користење – командите се лесни и меки, а прегледноста е одлична. Дури и на најекстремните примери од нашиот нашироко-познат „идеален“ македонски асфалт, во кабината на C3 е комфорно и не се пренесуваат скоро никакви несакани вибрации. Секако, сето ова значи дека C3 не е спортски автомобил – но не се ни обидува да биде, и токму од таму доаѓа неговиот шарм.
Ефикасен 1.2-литарски атмосферски бензинец, но ние би го избрале турбо-бензинецот со 110 коњски сили
Нашиот тестен автомобил дојде опремен со 1.2-литарски атмосферски бензинец кој испорачува 83 коњски сили при 5750 вртежи во минута и 118 Nm вртежен момент од 2750 вртежи во минута. Силата ја пренесува кон предните тркала преку 5 степен мануелен менувач, а сето тоа значи „стотка“ за 13.3 секунди и максимални 168 километри на час – перформанси сосем адекватни за градски автомобил. Она што изненадува е подготвеноста на малиот бензинец да го задвижи C3 – но тајната позади тоа всушност тежината од само 980 килограми.
Малиот, 1.2-литарски трицилиндерски бензинец ги исполнува строгите Euro 6.3 норми за еколошка прифатливост, а според официјалните податоци троши само 5 литри бензин на 100 километри во градски услови. Ние не успеавме да бидеме толку економични и измеривме потрошувачка од 6.4 литри во град – резултат кој е повеќе од добар. Сепак, доколку ние одбираме, би го одбрале турбо-бензинецот со 110 коњски сили и би одбрале автоматски наместо мануелен менувач.
Заклучок: Комфор наместо компромис – има зошто C3 е бестселерот на Citroën!
Градскиот хечбек на Citroën е на пазарот од 2017 – и секојдневно го гледаме на нашите улици. Го одбираат купувачите кои сакаат да избегаат од монотонијата и сакаат нешто поинакво, со француски шарм и дизајн кој и по неколку години сè уште е свеж и привлечен.
C3 ги турка настрана сите оние приказни за агресивност и нè привлекува со неговиот добронамерен карактер и пријателски пристап кон нештата. Комфор наместо компромис, пријатна и светла атмосфера наместо загушлива, мрачна околина. Особено ни е привлечен во вакви весели бои, каде уште повеќе се истакнува неговиот карактер. Има зошто е бестселер!
Спецификации
Модел: | Citroën C3 1.2 PureTech S&S 82 FEEL Pack |
Мотор: | 1.2-литарски атмосферски бензинец, 3 цилиндри |
Моќност: | 83 коњски сили / 5750 вртежи во минута |
Вртежен Момент: | 118 Nm / 2750 вртежи во минута |
Менувач: | Мануелен, 5 брзини |
0-100 км/ч: | 13.3 секунди |
Максимална Брзина: | 168 километри на час |
Должина: | 3990 mm |
Ширина: | 1745 mm (без странични ретровизори) |
Висина: | 1470 mm |
Тежина: | 980 kg |
Меѓуоскино Растојание: | 2539 mm |
Багажен Простор: | 300 литри |
Потрошувачка: | 6.4 литри на 100 километри (измерена, градска) |
Цена на основниот модел: | Citroën C3 1.2 Puretech 82 S&S BVM Feel – 16.360 Евра |
Цена на тестираниот модел: | Citroën C3 1.2 PureTech S&S 82 FEEL Pack – 16.520 Евра (Со вклучен промотивен попуст од 500 Евра) |
Повеќе Информации: | Citroën.mk |