ТЕСТ: Opel Grandland GS-Line 1.2 130 EAT8 – Технолошко освежување во вистинскиот момент! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Opel Grandland GS-Line 1.2 130 EAT8 – Технолошко освежување во вистинскиот момент!

Opel неодамна го освежи својот најголем SUV – па по официјалната македонска премиера, поминавме неколку денови токму со фејслифтираниот Grandland!

Сегментот во кој се натпреварува најголемиот SUV на Opel е навистина жежок – конкурентите на Grandland доаѓаат од Европа, но и од Азија – и ова е сегмент каде грешките не се простуваат толку лесно. Па кога треба да се бори со толку агресивна и талентирана конкуренција, Grandland едноставно не смее да разочара.

Буква помалку за позвучно име!

Кога Opel го претстави освежениот Grandland минатата година, најави дека освежувањето е многу повеќе од само технолошко и визуелно „затегање на брчките“, и дека ќе го репозиционира Grandland во рамките на класата. Всушност, освежувањето е толку значајно, што Opel одлучи да го исфрли додатокот „Х“ од името и Grandland X стана едноставно – Grandland.

Vizor го доведува Grandland во линија со дизајнерската насока на Opel

Најсилната визуелна измена кај Grandland е воведувањето на Vizor предната маска која ги карактеризира другите, понови модели на Opel. Vizor е препознатлив дизајнерски елемент на Opel и веќе го познаваме благодарение на новата Mokka која ја возевме минатата година.

Едноделниот преден елемент им дава на возилата на Opel непогрешлив идентитет и ги издвојува од конкуренцијата, а истовремено наметнува прилично чист и футуристички пристап. Дополнително, сите сензори кои се потребни за новите технологии се скриени позади Vizor панелот.

Профилот е воглавно неизменет, а на задниот дел забележуваме дискретни измени во графиката на светлосните елементи. Сепак, нашиот Grandland е во GS Line изведба – а тоа значи привлечна двобојна комбинација, нијанса поагресивни и поспортски детали, како и поголеми црни тркала. Сето ова му дава на Grandland динамичен и самоуверен став – а тоа е особено важно кога конкуренцијата е подготвена за борба.

Вистинската технолошка трансформација е во кабината

Но вистинската технолошка трансформација се случува во кабината на Grandland. Мотивирани од желбата зад себе да ги остават технолошките решенија на GM и во Grandland да ги понудат сите нови системи кои PSA (односно Stellantis) ги има во своето портфолио, инженерите на Opel го воведоа Pure Panel.

Поврзано:  ТЕСТ: Opel Corsa 1.2 Hybrid eDCT6 Edition - Надградена и помодерна Corsa

Pure Panel е всушност комбинација од два дигитални дисплеи – едниот наменет да функционира како интерактивна инструмент-табла пред возачот, другиот наменет за инфо-забавните функционалности. Со ова, кабината не само што е цврсто во 21-виот век, туку и нуди навистина повеќе функционалност.

Тука се очекуваните системи за асистенција во возењето, a мултимедијалниот уред нуди и навигација и Android Auto и Apple CarPlay поврзување (кое за жал не е безжично) – и токму тука се гледа огромниот чекор нанапред кој го прави Grandland во однос на конективноста. Забелешка? Па, на пример – ни пречи тоа што ако слушаме музика од поврзан мобилен телефон, на следното стартување на Grandland „по дифолт“ ќе биде вклучено радиото – но тоа е веќе навистина ситница.

Инаку – ентериерот на Grandland е за пофалба. Предните AGR (Aktion Gesunder Rücken – Акција за Поздрави Грбови) седишта се исклучително комфорни и нудат одлична странична поддршка, а прегледноста е повеќе од задоволителна. Повеќето материјали низ се фини на допирање, но ќе забележиме на пијано-црната пластика. Од друга страна, ни се допаднаа спортските седишта кои се обвиени во комбинација од кожа и алкантара и имаат контрастни, бели шевови.

Околу возачот и совозачот има многу места за одлагање дребулии, а сите команди се лесни за користење – и тука ќе ги пофалиме физичките контроли за клима-уредот и некои од функционалностите на мултимедијалниот уред. Дополнително, целата централна конзола е поедноставена преку воведување на новата рачка за автоматскиот која доаѓа од PSA.

Просторната понуда на задната клупа е во рамките на сегментот на Grandland – а тоа значи дека за двајца има повеќе од доволно простор, а дека по потреба и тројца ќе патуваат релативно комфорно, дури и на подолги релации. Дискусијата за практичноста ја завршуваме со багажниот простор. Багажникот е достапен преку голем и широк отвор, и нуди меѓу 514 и 1642 литри зафатнина.

Поврзано:  Opel Mokka беше дел од Skopje Coffee Festival

1.2-литарскиот турбо-бензинец е изненадувачки агилен!

Нашиот Grandland дојде со веќе добро-познатиот 1.2-литарски турбо-бензинец со 130 коњски сили, во комбинација со EAT8 автоматски менувач со 8 степени и погон на предните тркала. „Хејтерите“ тука ќе кажат дека овие 130 коњски сили не се доволни за еден голем SUV – но во реалноста, приказната е сосем поинаква. Турбо-бензинецот ентузијастички го повлекува овој голем SUV – а за тоа сведочат и сосем респектабилните 10.3 секунди кои се потребни за достигнување 100 километри на час, како и максималната брзина од 188 километри на час.

Плус, движењето е навистина лесно – а тоа се должи на одличниот автоматски менувач, како и фактот дека 130-те коњски сили се достапни при 5500 вртежи во минута, а 230-те Nm вртежен момент се достапни од 1750 вртежи во минута.

Во однос на потрошувачката, малиот мотор повторно успеа да нè импресионира. Да, не е економичен како во (помалата и значително полесна) Mokka, но измеривме градска потрошувачка од околу 9 литри на 100 километри, како и потрошувачка на отворено која едвај надмина 7 литри на 100 изминати километри.

Предвидливо и доверливо управување

Зад управувачот, Grandland темелно ги следи германските насоки кои ги наметнува Opel – a тоа значи безбедно и предвидливо управување кое е наклонето кон мирно и комфорно патување. Суспензијата е ориентирана кон комфорот, но дампирањето е цврсто, германско – па во кабината не се пренесуваат скоро никакви несакани вибрации. Од друга страна, ваквата конфигурација влева чувство на доверба во можностите на Grandland, без разлика на подлогата.

Да, во ред – Grandland не е ниту спортски автомобил, ниту најдинамичниот SUV во сегментот – но не ни треба да биде. Grandland е замислен да биде комфорен, доверлив и современ семеен транспортер кој може да изнуди насмевка кога тоа ќе биде побарано од него – а тој бриф го исполнува „од А до Ш“.

Поврзано:  ВОЗЕВМЕ: Opel Grandland Electric и Hybrid - Прв контакт со новиот знаменосец на SUV-гамата на Opel.

Заклучок: Grandland е високо на ранг-листата!

И сега, каде всушност припаѓа Grandland, не само во хиерархијата на Stellantis, туку и меѓу конкурентите? Вистината е дека е тешко било кој еден модел да се истакне во ваквата таписерија на возила – но Grandland успева во тоа.

Комбинацијата од модерни, еколошки-чисти и ефикасни погони, привлечен, современ германски дизајн и практичност која едноставно мора да биде дел од вакво возило го прави Grandland привлечен. Плус, нашите купувачи едноставно го сакаат Opel како производител – па воопшто нема да бидеме изненадени ако Grandland е високо на ранг-листата на многумина кои бараат токму ваков автомобил.

Спецификации

Модел: Opel Grandland GS-Line 1.2 DI 130 AT8
Мотор: 1.2-литарски турбо-бензинец, 3 цилиндри
Моќност: 130 коњски сили / 5500 вртежи во минута
Вртежен Момент: 230 Nm / 1750 вртежи во минута
Менувач: Автоматски, 8 брзини
0-100 км/ч: 10.3 секунди
Максимална Брзина: 188 километри на час
Должина: 4477 mm
Ширина: 1907 mm (без странични ретровизори)
Висина: 1609 mm
Тежина: 1386 kg
Меѓуоскино Растојание: 2675 mm
Багажен Простор: 526 – 1715 литри
Потрошувачка: 8.7 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Opel Grandland 1.2 XHT Direct Injection Start/Stop – 25.390 Евра
Цена на тестираниот модел: Opel Grandland GS-Line 1.2 DI 130 AT8 – 32.990 Евра
Повеќе Информации: Opel.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.