ТЕСТ: Kia Sportage 1.6 CRDi 116 2WD MT6 First Edition – Во чест на новата генерација! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Kia Sportage 1.6 CRDi 116 2WD MT6 First Edition – Во чест на новата генерација!

Откако седнавме зад воланот на Sportage со турбо-бензинец, автоматски менувач и врвно ниво на опрема, одлучивме да го пробаме новиот корејски SUV со дизел мотор, во специјалното First Edition издание.

Новиот Sportage веќе станува секојдневие на нашите улици – и има зошто. Покрај постоечките лојални купувачи, благодарение на дизајнот, просторната понуда и богатата опрема, Sportage привлекува и нови купувачи.

Впечатоците од првиот контакт со Sportage ни се свежи и максимално позитивни. Комбинацијата од лајт-хибриден турбо-бензинец, автоматски менувач и врвна опрема едноставно наметнува дека тоа мора да биде така. Но што се случува кога ќе одиме скалило-две подолу со опремата и ќе одбереме турбодизел наместо турбо-бензинец и мануелен наместо автоматски менувач? Во овој тест ќе се задржиме токму на тие детали, а доколку сакате повеќе информации, прочитајте го нашиот тест на турбо-бензинецот.

1.6-литарскиот CRDi е сосем доволно моќен, но и навистина економичен

Токму затоа сме зад управувачот на Sportage опремен со 1.6-литарски CRDi турбодизел и во нашиот случај е искомбиниран со мануелен менувач. Добро-познатот турбодизел испорачува 116 коњски сили при 4000 вртежи во минута и 280 Nm вртежен момент од 1500 до 2750 вртежи во минута.

Силата ја испорачува кон предните тркала, а сето ова значи забрзување до 100 километри на час за 11.7 секунди и максимални 174 километри на час. Моторот работи прилично рафинирано и тивко, но сепак се забележуваат нијанса повеќе вибрации во однос на турбо-бензинецот.

Од друга страна, еластичноста е за поздрав – секако благодарение на вртежниот момент кој е достапен од навистина ниски вртежи – а тоа значи дека без разлика на степенот на пренос на менувачот, Sportage реагира подготвено на притискањето на педалата за гас и забрзува без никаков напор.

Да, перформансите не се врескачки – но не се ни воопшто лоши, а силен адут на турбодизелот е потрошувачката – за време на неколкудневното тестирање измеривме индикаторот ни покажа просечна градска потрошувачка од околу 7  литри на 100 изминати километри. На отворено, потрошувачката е пониска и изнесува ситно над 6 литри на 100 километри.

Вистинско задоволство е да се користи мануелниот менувач во Sportage. Веќе долго време ги фалиме менувачите на Kia – тие се прецизни, односите се навистина одлично одмерени, а педалата за спојката мека. Би рекле дека автоматски менувач повеќе му прилега на едно возило како Sportage – но тоа не значи дека и мануелниот менувач нема свои предности – особено кога ќе посакате малку повеќе контрола.

Инаку, Sportage и понатаму продолжува да биде забележлив и привлечен. Да бидеме искрени, не ни се допадна бојата на нашиот тестен примерок (многу повеќе ни се допадна сјајната портокалова боја на турбо-бензинецот кој неодамна го возевме), но формата и дизајнерските детали и понатаму ни изгледаат авангардно и привлечно.

Што е всушност First Edition?

First Edition пакетот е специјално подготвен од македонскиот претставник на Kia – Киа Моторс Македонија. Овој пакет е во чест на новата генерација и е наменет да биде Greatest Hits издание кога станува збор за опремата која ја бараат нашите купувачи.

Всушност, First Edition примероците на новиот Sportage успеваат да ја погодат онаа идеална комбинација на цена и перформанси. Да, Sportage вo First Edition опрема не е на истото ниво како Reference 3 опремата – но навистина немаме никакви забелешки. Ја отвораме вратата и нè пречекуваат истите големи дигитални дисплеи кои ги носи и Reference 3, а добиваме и комфорни седишта, темпомат и сите други работи кои се навистина потребни.

Ќе напоменеме дека се добиваат и сите системи за активна и пасивна безбедност (препознавање пешаци, следење на коловозна лента, автоматски светла, сензори за паркирање и задна паркинг камера) и многу многу повеќе. Тука се и двата 12.3-инчни екрани – едниот за дигиталните инструменти, другиот за мултимедијалниот уред и навигацијата, а секако тука е и Bluetooth поврзувањето со мобилен телефон.

На задните седишта има централен наслон, како и засебни контроли за клима уредот, а тука се и оние супер-практични закачалки вградени во наслоните за глава на предните седиште. Екстериерот добива LED предни и задни светла, 17-инчни тркала, кровни носачи, затемнети задни стакла, декоративни хромирани елементи…

Ако имаме некаква забелешка, ќе оди во насока дека кај оваа изведба на мултимедијалниот уред нема безжично поврзување со Android Auto и Apple CarPlay, а забележавме и дека нема само возачкиот прозорец има автоматско отворање – за сите други морате да го држите копчето притиснато.

Комфорен, тивок и рафиниран

Но навистина, тоа се ситни забелешки, и ситници на кои лесно и брзо ќе се навикнете. Од друга страна, благодарение на 17-инчните тркала (наместо 18-инчните кај поопремените верзии), Sportagе е уште покомфорен и уште поубедливо ги филтрира нерамнините. Секако, ова не значи дека е направен компромис во однос на управувањето – да, ова е SUV, но Sportage успева да импресионира со предвидливото, неутрално управување и талентот да понуди и подинамично возење.

И сега, бензинец или дизел?

Дискусијата Бензин vs Дизел најверојатно никогаш нема да има вистински крај. Но нашите купувачи се повеќе и повеќе ги менуваат навиките и се почесто одбираат бензин наместо дизел – и ние го поздравуваме тој развој на нештата.

Дизелскиот Sportage е одличен, но ако се прашуваме ние, турбо-бензинецот е уште поодличен. Сепак треба да биде јасно – дизелскиот Sportage има што да понуди. Само со разликата во цена и цените на горивата во моментот на објавување на овој тест, прашањето е дали вреди дополнителната инвестиција? Наш совет? Заштедете ги тие 2000 евра и уживајте во помоќниот, побрз и позабавен турбо-бензинец!

Спецификации

Модел: Kia Sportage 1.6 CRDi 116 2WD MT6 First Edition
Мотор: 1.6-литарски турбодизел, 4 цилиндри
Моќност: 116 коњски сили / 4000 вртежи во минута
Вртежен Момент: 280 Nm / 1500 – 2750 вртежи во минута
Менувач: Мануелен, 6 брзини
0-100 км/ч: 11.7 секунди
Максимална Брзина: 174 километри на час
Должина: 4515 mm
Ширина: 1865 mm (без странични ретровизори)
Висина: 1650 mm
Тежина:
Меѓуоскино Растојание: 2680 mm
Багажен Простор: 526 – 1715 литри
Потрошувачка: 7 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Kia Sportage 1.6 T-GDI 150 2WD MT6 First Edition – 24.900 Евра
Цена на тестираниот модел: Kia Sportage 1.6 CRDi 116 2WD MT6 First Edition – 26.900 Евра
Повеќе Информации: KIA.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.