Пред да ја видиме новата full-fat AMG верзија на новата C-Class, Mercedes-AMG ја претстави новата C43 4Matic која добива лајт-хибриден погон со не-баш-незначителни 422 коњски сили.
„Основа“ на погонот е 2-литарскиот турбо-бензинец (кој неодамна дебитираше и кај SL), кој во оваа конфигурација испорачува 408 коњски сили при 6750 вртежи во минута и моќни 500 Nm вртежен момент од 5000 вртежи во минута. Бензинецот соработува со 48-волтен хардвер кој овозможува лајт-хибридна асистенција, односно дополнителен удар од 14 коњски сили во кратки интервали – како и електричен турбополнач кој би требало значително да ги подобри перформансите.
Што значи тоа во однос на перформанси? Катапултирање до 100 километри на час за само 4.6 секунди, за C43 седанот, додека на C43 караванот му требаат 4.7 секунди. Двете верзии се ограничени на 250 километри на час, но со AMG Driver’s Package додатокот, максималната брзина може да биде покачена на 265 километри на час.
Секако, двете верзии ја пренесуваат добиваат 9-брзински автоматски менувач, како и 4Matic погон на сите четири тркала кој е рекалибриран од инженерите на Mercedes-AMG.
Измените не се само механички – има и визуелни. Mercedes-AMG C43 добива поагресивен преден браник, Panamericana предна решетка, нагласени странични прагови и надграден заден дел со додаток во задниот браник кој изгледа како дифузер. Секако, тука се и големите тркала, како и многуте ситни детали кои ја комплетираат силиката.
Инаку, сите верзии ќе добијат адаптивна суспензија како и 4Matic погон на сите четири тркала со однос 31:69 во корист на задните тркала. Кога сме кај задните тркала, за прв пат во C-Class ќе се вградува и управување на задните тркала – а сето тоа ветува врвна агилност и спортско управување.