Иако Jaguar најави дека во 2025 ќе престане да произведува возила со мотори со внатрешно согорување, британскиот бренд ги претстави новите 300 Sport изведби на седаните XE и XF кои ќе им бидат достапни на европските купувачи.
Новите изведби всушност го добиваат електрифицираниот лајт-хибриден погон кој се нуди и кај популарниот F-Pace. Се работи за 2-литарски турбо-бензинец од Ingenium фамилијата кој испорачува 300 коњски сили и 400 Nm вртежен момент. Одберете го XE 300 Sport и ќе добиете забрзување до 100 километри на час за само 5.9 секунди, додека на XF 300 Sport му требаат 6.1 секунда. Двете верзии се ограничени на 250 километри на час, а поголемиот XF можете да го добиете и во караванска Sportbrake изведба.
Турбо-бензинецот се комбинира со 8-брзински ZF автоматски менувач, како и погон на сите четири тркала. Сите 300 Sport модели ќе добијат специјални 20-инчни тркала, а достапни ќе бидат и неколку бои, вклучувајќи ги и специјалните Carpathian Grey и Silicon Silver. Спортскиот XE добива алуминиумски детали во кабината, додека во XF ќе добиете сатенски темно-сиви елементи.
Освежениот погон е одлична надградба за седаните на Jaguar, кои се меѓу нашите омилени во сегментот. Европските купувачи ќе ја добијат и најновата верзија на Pivi Pro инфозабавниот систем на JLR кој добива поддршка за Amazon Alexa. Постоечките возила со Pivi Pro можат да добијат надградба за да ја искористат интеграцијата со Amazon Alexa.