Кога Lexus нешто прави, тоа го прави на свој, засебен и уникатен начин – и токму тоа го демонстрира со новиот RZ.
RZ ја дели основата со Toyota bZ4X, но добива целосно нов лик со детали и дизајнерски елементи кои се карактеристични за Lexus – ги препознаваме острите линии на јапонскиот бренд, особено острата предна маска, тенките предни светла, едноделниот заден светлосен елемент и затегнати, чисти линии кои прават RZ да изгледа како теееенок слој алуминиум да е затегнат над структурните елементи.
Ставот на RZ е низок и динамичен – и да не се заштитните панели во црна боја околу тркалата, дури би рекле и дека не се работи за SUV, туку за спортски хечбек. Силуетата е долга и ниска (и забележуваме детали од големиот RX SUV), но сè на сè – RZ изгледа навистина атлетски.
Задниот дел го карактеризира едноделниот светлосен елемент кој се проткајува околу целиот простор – слично како кај NX, а околу целиот автомобил забележуваме прекршени форми и површини, за RZ да биде непогрешливо Lexus.
Внатре во кабината – повторно Lexus. Дигиталниот Lexus Tazuna кокпит доаѓа со прилично мал дигитален инструмент панел, но и со огромен 14-инчен екран чувствителен на допир наменет за мултимедијата и многу од контролите во автомобилот. Доколку сакате, можете да нарачате One-Motion Grip управувач кој не е кружен како конвенционален волан, туку е во форма на управувач за авион.
Секако, тука се и сите безбедносни системи во форма на Lexus Safety System+ 3.0 кој вклучува систем за предупредување пред удар, Dynamic Radar Cruise Control, Protective Assist систем кој самиот го нагодува управувањето во свиоци (преку камера), и интересниот e-Latch систем за вратите кој нема да им дозволи на патниците да ги отворат вратите доколку надоаѓа возило или велосипедист. Корисно!
RZ веќе може да се нарача, а првите примероци се очекуваат во текот на оваа година.