Светскиот Автомобил на Годината – електричниот Ioniq 5 – од денес е изложен во салонот на Hyundai во Скопје!
Ioniq 5 – кој пред само неколку дена беше прогласен за Светски Автомобил на Годината (а однесе и уште неколку признанија) – денес веќе пристигна во салонот на Hyundai во Скопје. Ioniq 5 е првиот модел кој ја користи E-GMP платформата на корејскиот гигант, а на купувачите им се нудат две опции за батериите – едната батерија е биде со капацитет од 58 kWh, додека другата е со капацитет од 72.6 kWh.
Со помалата батерија, Ioniq 5 располага со 170 коњски сили и 350 Nm вртежен момент, и може да забрза до 100 километри на час за 8.5 секунди. Оваа батерија ќе може да се комбинира и со погон на сите четири тркала, и во таа конфигурација спринтот „до стотка“ е 6.1 секунда. За моделите со помалата батерија, цените на нашиот пазар започнуваат од 44.900 Евра.
Поголемата батерија може да се комбинира со погон на задните или на сите четири тркала, и во тие изведби добива 217, односно вкупно 305 коњски сили и 350, односно 605 Nm вртежен момент. Најбрзата конфигурација забрзува до 100 километри на час за 5.2 секунди. Цените за моделите со поголемата батерија започнуваат од 47.900 Евра.
Ioniq 5 овозможува полнење со моќност од дури 350 kW, благодарение на 400 или 800-волтната инфраструктура. За само 5 минути ќе можете да наполните доволно струја за да поминете 100 километри, а во зависност од одбраната конфигурација, WLTP мерењата ветуваат домет до максимални 686 километри – но во идеални услови.
Кабината е супер-просторна и футуристичка, а покрај конвенционалниот багажник (со капацитет од 530 литри) имате и преден багажник кој нуди дополнителни 24 или 57 литри. Во кабината доминираат големите, 12-инчни екрани за возачот и мултимедијалниот уред, кои се поставени во заедничко парче стакло.
Тука е и хед-ап дисплејот со надградена реалност, како и многу, многу други технологии. Кога сме кај технологиите, благодарение на V2L капацитетите на Ioniq 5, ќе можете електричниот автомобил да го користите за да полните и други уреди, па дури и да го искористите за напојување на некои работи во вашиот дом.
Среќни сме што уште еден електричен автомобил пристигна и е достапен на нашиот пазар. Се надеваме дека наскоро ќе имаме можност да седнеме зад управувачот на Ioniq 5 и да ви ги пренесеме нашите впечатоци – а во меѓувреме повеќе информации можете да добиете на официјалната веб страница на Hyundai Македонија, или пак во салонот на Hyundai во рамките на Ми-Да Гранд Моторс.