Новиот знаменосец на BMW носи нов дизајн, нови технологии, нова електрична верзија и многу, многу луксуз!
Баварците ја претставија новата, седма генерација на Серијата 7. Знаменосецот на BMW воведува многу новитети – а меѓу другото го добиваме и новиот електричен i7 кој може да помине повеќе од 600 километри со едно полнење на батериите.
Електричниот модел ја носи ознаката i7 xDrive 60, кој благодарение на големата батерија со капацитет од 101.7 kWh и моќните електромотори располага со вкупно 544 коњски сили и 740 Nm вртежен момент – доволно за големиот луксузен електричен седан да може да забрза до 100 километри на час за 4.7 секунди и да достигне максимални 240 километри на час, но и да помине до 625 километри со едно полнење на батериите (според WLTP мерењата).
За оние кои сакаат конвенционален модел, тука се 735i и 740i кои нудат 272, односно 380 коњски сили. Обете верзии можат да се добијат и со xDrive погон на сите четири тркала. Врв на бензинската понуда е 760i xDrive кој користи твин-турбо V8 и располага со 544 коњски сили. Во моментов нема дизелска понуда, а од BMW кажуваат дека барем на почетокот конвенционалните мотори нема да бидат достапни во Европа.
Новиот луксузен седан на BMW е поголем и покомфорен – новата Седумка е подолга за цели 126 милиметри. Дизајнот е агресивен, со големи отвори за воздух на предниот дел, како и „двоспратните“ предни светлосни елементи кои веќе ги видовме кај новиот X7. Профилот е чист и едноставен – дури и рачките од вратите се израмнети, додека на задниот дел доминираат тенките светла и агресивните црни аеро-елементи.
Доколку сакате поспортски лик, тука е M Sport пакетот со уште поагресивни браници и спортски детали. Доколку сакате врвен пакет, тука е M Sport Professional пакетот со Shadowline декорациски елементи.
Кабината нуди врвен луксуз – тука е закривениот дигитален панел (кој веќе го познаваме од големиот iX), а системот сега има целосно 5G поврзување за патниците да можат да уживаат во дигитални содржини. Вистинската трансформација е на задната клупа – на патниците им е достапен огромен 31-инчен екран (со 4К резолуција) кој BMW го нарекува Theater Screen.
Овој дисплеј е поставен на кровот и на патниците на задните седишта им овозможува врвно поврзување и дигитално искуство кое едноставно нема конкуренција. Кога ќе активираат Theater режим, големиот луксузен седан се трансформира во приватно кино – големиот екран се спушта пониско, завесите на прозорците се креваат, седиштата се навалуваат и осветлувањето во кабината се намалува, со цел да се понуди неприкосновено кино-искуство.
Секако, сите верзии добиваат воздушна адаптивна суспензија, а тука е Bowers & Wilkins аудио системот со 18 звучници, или пак Diamond Surround системот од истата компанија со дури 36 звучници. Патниците на задната клупа добиваат Touch Command дигитални прекинувачи во задните врати, и уште многу, многу повеќе..
Нарачките ќе бидат отворени наскоро, а првите примероци се очекуваат до крајот на годината.