Десет години по пензионирањето на минатата генерација, Mitsubishi ќе лансира нов градски хечбек!
Минатата генерација на Colt беше прилично успешна, а малиот градски хечбек на Mitsubishi се покажа како квалитетен, практичен и довервлив автомобил. Денес пристигна информација директно од Mitsubishi – Colt ќе се врати идната година!
Mitsubishi сега е дел од Renault-Nissan-Mitsubishi алијансата, па новиот хечбек ќе биде поставен на CMF-B платформата – а тоа значи дека следниот Colt ќе ги дели гените со одличните нови Renault Clio и Nissan Micra. Во моментов немаме никакви дополнителни информации околу технологиите и погонските единици, но забележуваме Hybrid EV значка на таинствената фотографија која Mitsubishi ни ја испрати – а тоа значи дека следниот Colt ќе биде во најмала рака електрифициран. Дали тоа значи дека следниот Colt ќе го користи истиот погон како и Clio E-Tech Hybrid? Најверојатно – а тоа значи хибриден погон со вкупно 140 коњски сили!
Во секој случај – ова се возбудливи вести! Mitsubishi веќе најави дека следната година ќе пристигне и замена за (веќе навистина долговечниот) ASX – која ќе биде базирана на Renault Captur, а новиот Colt ќе биде важен додаток во гамата.