ПРЕМИЕРА: Новиот, помал SUV на Maserati се вика Grecale! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Новиот, помал SUV на Maserati се вика Grecale!

Grecale е вториот SUV на Maserati – на самиот старт ќе се нудат неколку различни погонски опции, а понатаму ќе биде лансирана и електрична верзија која ќе се вика Folgore.

Новиот SUV на Maserati ќе се бори со докажани германски конкуренти. Grecale е помал од Levante, кој се покажа како делумно-успешен проект на Maserati. Предноста на Grecale е дека е поставен на надградена платформа и го добива VDCM (Vehicle Dynamic Control Module) од MC20. Овој напреден систем во реално време ја контролира динамиката на овој спортски SUV за да понуди врвно возачко искуство. Секако, стандардно ќе доаѓа со погон на сите четири тркала и 8-брзински менувач од ZF.

На самиот старт, Grecale ќе се нуди во неколку различни изведби – GT, Modena, Trofeo и PrimaSerie. Првите две верзии ќе користат 2-литарски лајт-хибриден турбо-бензинец кој испорачува 300 (кај GT) односно 330 (кај Modena) коњски сили. Двете верзии добиваат максимални 450 Nm вртежен момент.

Новиот турбо-бензинец користи комбинација од турбополнач и електричен компресор за врвни перформанси. Од Maserati кажуваат дека верзијата со 300 коњски сили достигнува 100 километри на час за 5.6 секунди, додека помоќната достигнува 100 километри на час за 5.3 секунди, а двата модели достигнуваат максимални 240 километри на час.

Врв на понудата ќе биде Grecale Trofeo кој добива 3-литарски твин-турбо V6 кој испорачува 530 коњски сили и 620 Nm вртежен момент. Овој мотор е базиран на Nettuno моторот кој се користи во MC20, а му овозможува на Grecale Trofeo да достигне 100 километри на час за само 3.8 секунди, како и да достигне максимални 285 километри на час.

Овој мотор добива и технологии кои треба да ја подобрат ефикасноста – десниот ред цилиндри од моќниот V6 може да бидат деактивирани за да биде подобрена потрошувачката на гориво – која според Maserati изнесува просечни 11.2 литри на 100 километри.

Дизајнерите и инженерите на Maserati посветиле многу внимание на кабината, па кабината е навистина современа. Пред возачот се поставени дигитали инструменти, а сличен е пристапот и со централната конзола, каде прво е поставен 12.3-инчен панел, под кој е поставен уште еден со дијагонала од 8.8 инчи. Овој панел го нарекуваат Comfort Panel и овозможува пристап до многу од функционалностите.

Дополнително, Grecale добива и Sonus Faber премиум аудио уред, како и уште еден дисплеј поставен врз инструментите кој Maserati кажува дека е дигитален паметен часовник.

Следната година ќе пристигне и Grecale Folgore (зборот Folgore значи молња на италијански). Ова ќе биде првиот целосно-електричен Maserati и ќе биде поставен на истата платформа со конвенционалениот Grecale. Сега за сега немаме многу информации околу електричниот SUV, но знаеме дека ќе има батерија со капацитет од 105 kWh и ќе располага со околу 800 Nm вртежен момент.

Grecale доаѓа во интересен момент за Maserati и воведува многу новитети. Италијанскиот бренд (кој сега е под капата на Stellantis) добиваше многу критики за ентериерите на инаку навистина привлечните возила. Новиот SUV ја продолжува новата ера за Maserati (која започна со MC20) – и на втор поглед, иднината изгледа навистина интересно.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.