По првиот контакт со новиот 308 во Франција минатата година, сега конечно сме зад воланот на новиот француски хечбек на наш, домашен терен. Дали одличните први впечатоци ќе се повторат и тука?
Минатиот Септември за прв пат се запознавме со новиот 308. За волја на вистината, запознавањето беше прилично кратко – но доволно за да се увериме во квалитетите на францускиот хечбек. 308 успеа да нè импресионира со завидната комбинација од комфор, луксуз и динамичност – нешто кое многу го посакуваат, но малкумина го достигнуваат.
Сега, неколку месеци подоцна, повторно сме зад управувачот на 308, но на наш, домашен терен. На нашите, несовршени македонски улици, каде предизвиците се сосем поинакви. Лесно е да се остави добар впечаток кога околината и асфалтот се беспрекорни – но што кога работите стојат малку поинаку?
Визуелниот впечаток на 308 е непромашлив.
Визуелниот впечаток кој 308 го остава и понатаму е непромашлив. Кога конкурентите стануваат „топчести“, 308 ја наметнува својата острина и широчина. Гледан однапред, 308 изгледа намуртено и агресивно, а неговиот став само го истакнуваат раширените предни и задни крила. Каросеријата е поставена ниско, а целиот автомобил е блиску до подлогата – лавовски, притаен, како да се подготвува да скокне.
Профилот го дефинираат острата линија во долниот дел од вратите, како и карактерната линија која се започнува од самото дно на вертикалните дневни светла и оди сè до задните светлосни групи. Рачките од вратите кои се поставени под оваа линија дополнително го наметнуваат ефектот на низок, спортски автомобил, а дискретните додатоци на страничните прагови ја нагласуваат широчината.
На задниот дел вниманието оди кон тееееенките задни светла. Детал кој не ни се допаѓа? Големиот црн дел од задниот браник, како и лажните, декоративни завршетоци на издувниот систем.
Како што рековме кога за прв пат го возевме 308 – во време на доминантна популарност на разно-разните SUV и кросовер модели, ваков привлечен и динамичен хечбек е вистинско освежување и можеме само да им подадеме рака на дизајнерите на Peugeot за храбриот пристап.
Кабината на 308 покажува дека Peugeot е одомаќен меѓу премиум конкуренцијата.
Ја отвораме возачката врата и одиме внатре. Ако со 3008 и 5008, францускиот бренд го започна својот пат кон премиум сегментите, а со новиот 508 цврсто зачекори во нив – со новиот 308, Peugeot веќе е одомаќен меѓу премиум конкуренцијата.
Повторно, визуелниот ефект на кокпитот на 308 е спектакуларен. Комбинацијата од комплексни форми, контрастни текстури и материјали, како и врвна завршна обработка прават 308 да е не само примамлив, туку фасцинирачки. Се спуштаме во комфорното возачко седиште, ниско пред нас е малиот управувач (кој стана заштитен знак на i-Cockpit конфигурацијата на Peugeot), а скоро сè што гледаме и допираме е супер-квалитетно.
Од прекрасно-текстурираното тркалце за аудио системот, преку комбинацијата од кожа и алкантарата на седиштата, па сè до алуминиумските детали и пијано-типките кои се кратенки до одредени функционалности – низ целата кабина на 308 се проткајува фактот дека многу, многу внимание е посветено на деталите, за сè да биде што е можно попријатно за користење и корисничкото искуство да е што е можно поубаво. Лесно се наоѓа комфорна и прегледна возачка позиција, управувачот е обложен со фина и мека кожа, командите се лесни за користење, а најновата генерација на мултимедијалниот уред на Peugeot е интуитивна, респонзивна и чекор над конкуренцијата.
Секако, мултимедијалниот уред доаѓа со безжично Android Auto и Apple CarPlay поврзување (кое работи беспрекорно), а Peugeot ги послуша купувачите и автомобилските новинари, па ги надгради камерите кои ги вградува во своите модели и поправи некои од забелешките кои ги имавме – сега камерите се со висока резолуција и приказот е супер-остар.
Под централниот дисплеј е поставен уште еден, кој во Peugeot го нарекуваат i-Toggles. Овој систем е супер-интересен бидејќи иако на прв поглед е „само уште еден екран“ – всушност овозможува многу персонализација и креирање кратенки до вашите омилени и најчесто користени фунцкионалности. Сакате да направите кратенка која автоматски ќе го нагоди клима-уредот на вашата преферерирана температура? Нема проблем. Ваквиот пристап е особено интересен, бидејќи во реалноста, секојдневно користиме само одредени функционалности во автомобилот – па супер е кога имаме лесен, интуитивен и персонализиран пристап до нив.
На задната клупа има доволно место за двајца патници, по потреба можеби и тројца – но не би возеле тројца на задните седишта на подолги релации. Низ целата кабина има многу места за одлагање ситни дребулии (а џебовите во предните врати се поставени за да се абсорбираат несаканите звуци), додека багажникот нуди 412 литри волумен, односно 1323 литри со преклопени задни седишта.
Рафинирано возачко искуство.
Всушност, кога зборуваме за филтрирање на несакани звуци – многу, многу внимание е посветено на звучната изолација и намалување на буката, вибрациите и несаканите „грубости“ од патиштата. Сакате пример? Вратите имаат трослојно гумено изолирање, се затвораат со убав, придушен „бумф“ звук (како кај автомобили кои чинат неколкукратно повеќе) и повторно ќе се навратиме на оној момент дека е посветено многу, многу внимание на ваквите детали.
И навистина – и покрај големите 18-инчни тркала и пасивната суспензија, 308 суверено се движи по нашите улици, без да го наруши комфорот на патниците со нешто толку вулгарно како вибрации и тресење. Во кабината е совршено мирно, а рафинираноста е на сосем друго ниво. По градските улици 308 го привлекува вниманието со својот став, а на возачот му овозможува да се движи и да маневрира лесно и без никаков замор.
Слична е приказната и на отворен пат – и на повисоки брзини, во кабината е тивко и мирно, а 308 минува километри како да се метри. Од друга страна, кога ќе побарате подинамично возење, 308 е подготвен верно да ги следи вашите инструкции и да танцува од еден свиок во друг – динамичност која е уште поистакната благодарение на Sport режимот.
Докажан и економичен BlueHDI турбодизел
Секако, свој удел има и најновата генерација на докажаниот и доверлив 1.5-литарски BlueHDI турбодизел, кој сега испорачува 130 коњски сили при 3750 вртежи во минута и одлични 300 Nm вртежен момент од само 1750 вртежи во минута. Силата ја пренесува кон предните тркала преку одличниот ЕАТ8 автоматски менувач на Peugeot, и дефинитивно би го препорачале пред мануелениот менувач на францускиот бренд.
Едноставно, ваквата комбинација прави 308 да е лесен за возење, без разлика дали сме во градски метеж или на автопат. Опремен со овој мотор и овој менувач, 308 забрзува до 100 километри на час за 10.6 секунди и постигнува максимални 207 километри на час. Градската потрошувачка е некаде околу 6 литри на 100 изминати километри – повеќе од респектабилни резултати.
308 не прави нешто само заради тоа што може – туку покажува како треба.
Време е да заокружиме. Ако при првиот контакт, новиот 308 се наметна како навистина уверлив конкурент во сегментот, при вториот контакт само ни ги потврди првичните заклучоци. Вистинскиот микс од храбар и бесрамно самоуверен дизајн, хај-тек кабина и неуморно внимание кон ситните детали го прави 308 да биде рамо до рамо со најдобрите, па дури и да ги поднаучи некоја лекција.
Всушност, еднаш веќе рековме дека 308 поставува нови правила на игра во својот сегмент и дека за многу работи покажува како треба, а не само како може. Тоа се големи зборови.
Спецификации
Модел: | Peugeot 308 GT 1.5 BlueHDI 130 EAT8 |
Мотор: | 1.5-литарски турбодизел, 4 цилиндри |
Моќност: | 130 коњски сили / 3750 вртежи во минута |
Вртежен Момент: | 300 Nm / 1750 вртежи во минута |
Менувач: | Автоматски, 8 брзини |
0-100 км/ч: | 10.6 секунди |
Максимална Брзина: | 207 километри на час |
Должина: | 4367 mm |
Ширина: | 2060 mm (со странични ретровизори) |
Висина: | 1444 mm |
Тежина: | 1361 килограми |
Меѓуоскино Растојание: | 2675 mm |
Багажен Простор: | 412 – 1323 литри |
Потрошувачка: | 6.3 литри на 100 километри (измерена, градска) |
Цена на основниот модел: | Peugeot 308 1.2 PureTech 110 Active Pack BVM6 – 21.420 Евра |
Цена на тестираниот модел: | Peugeot 308 GT 1.5 BlueHDI 130 EAT8 – 34.390 Евра |
Повеќе Информации: | Peugeot.mk |