Kia EV6 е Европски Автомобил на Годината за 2022! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Kia EV6 е Европски Автомобил на Годината за 2022!

Електричниот кросовер е првиот модел на Kia кој го освои престижното признание кое го доделуваат европските автомобилски новинари.

Покрај тоа што е првиот модел на Kia кој го ја освои титулата, EV6 е третиот електричен автомобил кој бил прогласен за Европски Автомобил на Годината. Со освоени 279 поени, EV6 заврши на првото место, додека второто и третото место отидоа кај Renault Megane E-Tech Electric (265 поени) и Hyundai Ioniq 5 (261 поен). Зад нив се најдоа новиот Peugeot 308 (со освоени 191 поен), Skoda Enyaq iV (185 поени), Ford Mustang Mach-E (150 поени) и Cupra Born (144 поени).

Jason Jeong, претседателот на Kia Europe изјави дека „навистина е голема чест да се освои титулата за Европски Автомобил на Годината за 2022, и тоа со EV6“ – и додаде – „EV6 е возбудлив знак за она кое доаѓа во нашата растечка гама на електрифицирани возила“.

Инаку, признанието за Европски Автомобил на Годината се дава од 1964-тата година, кога титулата отиде кај Rover 2000. Првиот електричен автомобил кој ја освои титулата беше Nissan Leaf во 2011, а вториот е Jaguar I-Pace кој ја зема титулата во 2019. Како што рековме, третиот електричен автомобил кој ја освоил титулата во историјата на наградите е токму Kia EV6.

Kia EV6 е првиот електричен автомобил на Kia базиран на новата E-GMP платформа на корејскиот гигант. Оваа архитектура овозможува одлична автономија и супер-брзо полнење – според официјалните податоци од Kia, автономијата е до 528 километри со едно полнење на батериите, а системот овозможува супер-брзо полнење со моќност од 800V. Титулата на Kia EV6 е уште едно признание дека електричните автомобили се иднината и дека стануваат дел од автомобилското секојдневие.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.