Новиот Citan пристигна во салонот на Mercedes-Benz – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Новиот Citan пристигна во салонот на Mercedes-Benz

Новиот Citan ја заокружува понудата на повеќенаменски комерцијални возила на Mercedes-Benz – и токму втората генерација на Citan пристигна во салонот на Мак Аутостар.

Како и минатата генерација, и новиот Citan е базиран на докажаниот Renauilt Kangoo. Сепак, иако дел од каросеријата е ист, сепак Citan добива редизајнирани преден и заден дел, како и надградена кабина. Од Mercedes-Benz напоменуваат дека и многу од механичките компоненти доаѓаат токму од нивното портфолио на делови, па Citan би требало без проблем да го пренесе она чувство дека „да, ова е Mercedes“. Дизајнот ги следи тековните дизајнерски насоки на германскиот гигант – па добиваме прилично современо и привлечно комбе.

На самиот старт, Citan е достапен како товарна и патничка верзија а понатаму ќе бидат додадени и други варијанти и каросериски изведби, како и верзија со продолжено меѓуоскино растојание. Стандардната верзија е долга 4490 милиметри и има меѓуоскино растојание од 2716 милиметри. Товарната верзија може да пренесе товар долг до 3.05 метри, вкупно нуди 2.9 кубни метри простор и може да пренесе до 1.5 тони. Може да се добие и со две лизгачки врати кои нудат прилично широк отвор од 615 милиметри, а задните, асиметрични врати нудат лесен и практичен пристап до товарниот простор.

Дополнително, од Mercedes-Benz напоменуваат дека особено внимание е посветено на комфорот (нешто по кое Mercedes-Benz е препознатлив) и намалување на бучавоста – а сето тоа треба да придонесе кон удобноста на возачот и на патниците, но и безбедноста бидејќи возачот ќе може полесно и повеќе да се фокусира кон сообраќајот.

Сите погонски единици ги исполнуваат строгите Euro 6d норми. Достапен ќе биде шест-степен мануелен менувач и 7-брзински автоматски менувач со двојна спојка. Понудата на мотори е базирана на еден 1.5-литарски турбодизел и еден 1.3-литарски турбо-бензинец, достапни во вкупно 5 конфигурации. Дизелот се нуди во три конфигурации – со 75, 95 или 116 коњски сили (односно 230, 260 и 270 Nm вртежен момент), додека бензинецот се нуди со 102 или 131 коњска сила (односно 200 или 240 Nm вртежен момент). Се очекува и целосно-електрична изведба која ќе биде достапна во втората половина од оваа година. Електричниот Citan ќе може да помине околу 285 километри со едно полнење на батериите.

Поврзано:  1 од 100 - Mercedes-AMG MANUFAKTUR SL 63 Golden Coast во Скопје!

Секако, бидејќи се работи за Mercedes-Benz, не е направен никаков компромис во однос на безбедноста – без разлика дали Citan е празен или натоварен. Според Mercedes-Benz, без разлика на товарот, Citan нуди удобно, прецизно и безбедно возење. Citan добива и грст системи за активна безбедност – од Active Lane Keeping Assist, преку очекуваните ABS и ESP системи, па сè до Crosswind Assist, Active Brake Assist, Lane Keeping Assist и Active Distance Assist Distronic. Секако, тука е и MBUX системот кој препознава гласовни команди, како и целосната интеграција со Android Auto и Apple CarPlay.

Цените за товарната изведба на Citan започнуваат од 15.205 Евра без ДДВ, односно 17.942 Евра со вклучен ДДВ. Патничката изведба на Citan чини од 19.961 евро без ДДВ, односно 23.554 Евра со вклучен ДДВ. За повеќе информации посетете ја официјалната веб-страница или салонот на Mercedes-Benz.

 

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.